1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обичаите како сврзно ткиво

7 јануари 2011

Обичаите се шанса за дружба, за собирање на семејството. Црквата ги поддржува поголемиот број обичаи, од кои дел почнува спонтано. Има и обичаи кои не се во дух на христијанската традиција, па црквата ги санкционира

https://p.dw.com/p/Qo7C
Фотографија: MIA

Манифестацијата што на Бадник секоја година се одржува пред Соборниот храм во Скопје, полека, но сигурно, станува еден од најпопуларните бадникови обичаи во Македонија. Најмасовен е секако. Пред најголемата црква во земјата се собираат илјадници верници да земат бадниково гранче, да се видат со пријателите да си го честитаат празникот. Црквата го прифати и му даде поддршка на овој обичај што почна спонтано - група стари скопјани решија секоја година бесплатно да делат бадникови гранчиња, откако ги разжалости примерот на една бабичка која немала доволно пари да си купи гранче на зелениот пазар. Тоа што почна пред деветнаесет години, денес е спектакл, обичај што прерасна во традиција.

Mazedonien Orthodox Weihnachten
Обичаите кои се во согласност со црковните канони добиваат поддршка од цркватаФотографија: DW

„Ни‘ забележуваат зошто даваме греана ракија, зошто ќебапчиња на Водно кадешто ги собираме бадниковите гранчиња, но луѓето го сакаат тоа, предмалку на една убава песна и оро заиграа“, објаснува Мојсо Мојсовски од организацискиот одбор на Бадник.

Верниците во Македонија практикуваат многу обичаи

Обичаите врзани за големите христијански празници луѓето ги сфаќаат како шанса да се собере семејството, да се видат ближните во ова брзо време, кога дружењето станува луксуз.

„Зближување, сплотување на семејството. Не се гледаме цела година, па да се видиме барем на празник“, велат верниците.

Mazedonien Orthodox Weihnachten
Манифестацијата што на Бадник се одржува пред Соборниот храм, станува еден од најпопуларните бадникови обичаи во Македонија (архива)Фотографија: DW

Обичаите кои се во согласност со црковните канони добиваат поддршка од црквата. Таа ги канализира, ги омасовува, бидејќи обичајот е еден од најдобрите начини за социјализација, за сплотување на луѓето, објаснува за Дојче Веле Дејан Борисов од Православниот Богословски Факултет во Скопје.

„Има многу обичаи, голем број од нив не ги ни знаеме, затоа што се на локално ниво, но идејата на сите е да соединат, да дадат алегориско дообјаснување на празникот.“

Но, постојат и обичаи кои не се во духот на христијанската традиција.

„Таков обичај е курбанот, крвната жртва. Многумина кога градат куќа колат јагне и го фрлаат во темелите. Тоа Црквата не го одобрува. За христијаните Христос бил последната крвна жртва“, објанува Борисов.

Македонската православна црква го негувала единството на луѓето низ вековите, ги чувала обичаите и традицијата. Ги поттикнува и денес обичаите кои ги сплотуваат верниците, објаснува за Дојче Веле прота Стојан Пајковски од црквата Свети Архангел Михаил.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска