1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Обнова на истокот од Германија - чашата е полуполна

Данхонг Жанг / Александар Методијев3 октомври 2013

23 години по повторното обединување може да се види обновата на истокот од Германија. Инфраструктурата во некои делови е подобра отколку на западот од земјата. Сепак, двата дела економски и натаму многу се разликуваат.

https://p.dw.com/p/19sxp
Фотографија: picture-alliance/ZB

Еднаш Хелмут Кол, кој обединувањето го славеше како канцелар, на шесте нови сојузни покраини им вети „расцутени пејзажи“. Но, наместо цветови во првите години по повторното обединување владееше мрачен пејзаж - запуштена инфраструктура, фирми во банкрот, висока невработеност и високи стапки на иселување на младите луѓе. Некои области се под закана од изумирање. Поминаа 23 години откако германската поделба беше надмината. Се случи ли сепак нешто од ветувањето на Кол?

„Тие расцутени пејзажи во меѓувреме на некој начин се остварени“, вели Клаус-Хајнер Рел од Институтот за германска економија во Келн. „Невработеноста на истокот се намалува. Инфраструктурата изгледа добро. А, и на фирмите во однос на нивната состојба и големина не им оди полошо отколку на западот. Тоа значи дека всушност обновата на истокот во голема мера е завршена“, вели Рел во интервју за Дојче веле.

Во септември годинава само 9,6 проценти од Германците на истокот беа невработени, додека западногерманската стапка на невработеност се искачи на 6,6 проценти. Пред неколку години невработеноста во новите сојузни покраини беше двојно повисока отколку во старите. Секој кој во последно време бил во Источна Германија со сигурно ја забележал новата инфраструктура, нешто на што некои западногермански општини можат да бидат љубоморни.

Источногермански фирми во светскиот врв

Не толку малку источногермански компании успеаја да се искачат на светскиот врв, а меѓу нив се традиционалните фирми како Карл Цајс и Јеноптик, но и фирми кои се основани по промените, како што е компанијата за производство на опрема Рот и Рау, но и автомобилската дистрибутерска групација Митек. Не треба да се заборави и дека постојат инвестиции во Источна Германија на големите автомобилски концерни, како Фолксваген, БМВ или Дајмлер.

Klaus-Heiner Röhl, Institut der deutschen Wirtschaft Köln
Клаус-Хајнер РелФотографија: IW

„Таму се лоцирани и добавувачи и заедно со автомобилската индустрија тие успеаја да создадат мноштво работни места“, вели експертот Рел. Во успешните инвестиции во Источна Германија спаѓаат и оние во соларната индустрија и индустријата за ветерници.

Тоа доведе до тоа да се намали отселувањето, па дури и Саксонија да се радува на повторното доселување на Германците, довава Рел. Обновата на истокот досега е успешна приказна, „но тоа сепак не доведе до тоа да има вистински исти економски перформанси за секој жител, што всушност и беше целта“. Според едно негово истражување, економските перформанси на новите сојузни покраини се заглавени на две-третини од западното ниво. Со други зборови кажано, Германец од истокот достигнува во просек две-третини од додадената вредност на Германец од западот.

Недостаток на големи концерни

Stadtansicht Jena
Во Јена се наоѓаат и многу напредни компанииФотографија: picture-alliance/dpa

Оваа разлика, според мислењето на Клаус-Хајнер Рел, се должи на структурните разлики.

„Една сосема одлучувачка разлика е недостатокот на големите претпријатија, на концерните, банките, осигурителните компании. Сите тие се компании кои создаваат многу голема додадена вредност во своите централи. Сите тие се наоѓаат во Западна Германија“, додава експерот Рел. Оваа состојба тешко дека ќе се промени, бидејќи „зошто би требал Сименс да си замине од Минхен или, пак, Дојче банк од Франкфурт?“

И покрај заостанувањето во економските перформанси, сепак платите на истокот се добри. Тие изнесуваат 80 проценти од оние што се добиваат на запад. Тога главно се должи на преносот на парични средства во јавната служба на истокот од Германија. До сега трансферите од западот кон истокот од Германија изнесуваат околу две илјади милијарди евра. Според претгодните договори, ваквите исплати ќе продолжат до 2019 година. Тогаш е предвидено истокот и западот од Германија да бидат финансиски еднакви.