1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Образованието во прегратките на политиката

15 јули 2009

Експертите критикуваат дека партиите и политиката длабоко се вмешуваат во образованието, особено во универзитетите, претворајќи ги во арени за меѓусебни политички пресметки и во простор за образовни експерименти.

https://p.dw.com/p/IpVu
Фотографија: Petar Stojanovski

Последните превирања во Државниот универзитет во Тетово и одлуката на сега веќе разрешениот министер за образование, Перо Стојановски, да се сменат ректорот и целиот сенат на оваа високошколска институција го реактуелизираа прашањето: како да се развива образовната компонента на овој универзитет со 12 илјади студенти подалеку од влијанијата на партиите? Како и другите образовни институции во земјата да се оттргнат од „цврстите прегратки“ на политиката? Експертите велат дека овие турбуленции се резултат на политичката битка меѓу ДУИ и ДПА.

Државниот универзитет во Тетово –арена за политички пресметки меѓу ДУИ и ДПА

Претседателот на Унијата на албанската интелигенција во Македонија Хавзи Мустафаи објаснува:

„По претходната промена, што настана на универзитетот пред две години, има една бројка од 280 вработени, кои се кадри на ДПА. На нивното место сега, веројатно, ќе дојдат луѓе, кои се директно поврзани со ДУИ. Тоа го политизира универзитетот.“

Осман Кадриу, проректор на ФОН Универзитетот од Скопје, објаснува:

„Ако на универзитетот има очигледни пропусти, девијации, незаконско работење и нефункционирање на неговите органи, тогаш државата е должна, согласно со своите надлежности, да преземе соодветни мерки преку инспекциските служби и другите надлежни органи.“

Медиумите и експертите критикуваат дека има и редица други негативни примери на партизација и политизација на образованието. Владимир Тимовски, професор по социологија на образованието на Државниот универзитет во Скопје, смета:

„Кај нас секоја политичка гарнитура како да прави своја проекција: до 2010 - та, до 2015 – та... Околу прашањето за образованието, сепак, треба да се изгради потрајна платформа. Но, тоа да не биде проекција на секоја нова гарнитура, која е на власт.“

Universität Cyril and Methodious in Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petar Stojanovski

Дисперзирање без план

Хавзи Мустафаи, професор на државниот Филолошки факултет во Скопје, оценува:

„Постои тренд за дисперзирање на одредени факултети: веќе секој град добива свој факултет, односно, универзитет, без да има некоја анализа за тоа. Секој се обидува да студира стихијно, без да размислува за својата перспектива, каде ќе се вработи потоа.“

Професорот Тимовски нагласува:

„Некои наши социолози тоа го сметаат за ’провинцијализација на високото образование’, како ’хиперпродукција на кадри’. Средините во кои се проектираат високообразовните институции, не се сите оспособени од сите аспекти – кадровски, просторни и други – да развиваат високообразовна институција.“

Девет проценти од населението-со високо образование

На државните универзитети во Македонија лани беа отворени 18 дисперзирани студии, а годинава ќе бидат активирани дури 55. Професорот Кадриу коментира:

„Во нашата држава од вкупната бројка на населението само 9 отсто имаат висока наобразба, значително помалку од нивото во Европската унија, каде што од вкупното население 26 отсто се со високо образование. Набљудувано од тој аспект, не е грешка, ниту политичка, ниту економска, да имаме повеќе универзитети.“

Само тогаш кога универзитетите ќе престанат да бидат простор за судири меѓу партиите и за образовни експерименти, кога во Македонија ќе се создаде долгорочна развојна стратегија во образованието со вистински реформи, дури тогаш таа ќе започне да си го наоѓа своето место во европскиот образовен простор, заклучуваат експертите.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска