1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОБСЕ: И Груевски е одговорен за притворениот новинар

БГ/би7 септември 2013

Македонскиот премиер не може да ја избегне одговорноста за случајот на притворениот новинар Томислав Кежаровски, вели претставничката за медиуми на ОБСЕ, Дуња Мијатовиќ за Балкан Инсајт.

https://p.dw.com/p/19dW3
Фотографија: DW

Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ вели дека не може да ја прифати оценката на македонскиот премиер Никола Груевски оти неговата влада нема ништо со случајот на притворениот новинар Томислав Кежаровски, и дека тоа е надлежност на судството.

„Одговорност е на политичкото водство да осигура дека законите во земјата ги заштитуваат новинарите и не ги сместуваат новинарите во затвор поради напишан збор“, одговара Мијатовиќ на последното писмо на Груевски.

Македонскиот премиер со писмо одговори на критиките од ОБСЕ поради притворениот новинар, минатата недела.

„Се согласувам со Вас дека затворањето новинари за нивното пишување не е прифатливо во едно демократско општество, како што велите во Вашето писмо, но дозволете ми да истакнам дека г-дин Кежаровски не е притворен поради неговото пишување, туку затоа што е обвинет за повреда на Законот за заштита на сведоци, што е пропишано како кривично дело во наведениот закон“, се наведуваше во писмото од Груевски.

Мијатовиќ во изјавата за Балкан Инсајт ги отфрла ставовите на Груевски.

„Иако имам целосна почит за независноста на судството, не можам да сфатам зошто Кежаровски се држи во притвор со месеци. Случајот на Кежаровски е единствениот на Западниот Балкан во кој еден новинар се држи во притвор за време на процес“, вели Мијатовиќ.

Кежаровски е обвинет дека пред повеќе години го открил идентитетот на заштитен сведок, иако самиот сведок подоцна во судот потврди дека дал лажно сведочење под притисок од полицијата.

Мијатовиќ се надева и дека наскоро ќе и‘ биде дозволено да го посети Кежаровски во притвор, барање кое досега македонските власти го игнорирале.

„Би сакала да го посетам Кежаровски во затвор и во моето писмо до Груевски поставив такво барање. Алармантно е што тој се држи во такви лоши услови кои влијаат врз неговото здравје“.

Кежаровски е во притвор од 28 мај годинава, кој во меѓувреме му беше продолжуван уште двапати, иако неговото семејство понуди и кауција за бранење од слобода.