1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Објавени имињата на уште 12 лустрирани

СН/АТ/миа5 август 2012

Комисијата за верификација на фактите во Македонија ги објави имињата на уште 12лица за кои утврди дека биле соработници на тајните служби, поради што го исполнуваат условот со кој се ограничува вршењето јавна функција.

https://p.dw.com/p/15kGv
Фотографија: picture-alliance/Berliner_Kurier

На новата листа која на својата веб страница ја објави Комисијата за верификација на фактите се наоѓаат Трендафил Ивановски (претседател на Уставен суд), Миленко Габер (поранешен директор на Заводот за вработување Берово), Ѓорги Прцуловски (поранешен претседател на општина Ресен), Михаил Андреев (поранешен директор), Киро Јанчев (поранешен директор), Бранко Темов (член на УО), Петар Целакоски (поранешен директор на Дом на култура Битола), Киро Дојчиновски (поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија), Стојан Чамински (поранешен секретар во СВР-СК), Хисен Шаќири (новинар), Мустафа Спахију (новинар) и Реџеп Златку, кој е лустриран по службена должност. За овие 12 лица досиејата не се поставени на веб страницата на Комисијата.

Вчера Комисијата за верификација на фактите ги објави решенијата и документите за Слободан Угриновски (член на Советот на Град Скопје и лидер на партијата Титови леви сили), Вангел Гагачев (поранешен судија во Врховниот суд), Николче Бабовски (кандидат за пратеник во Собранието на РМ), Сејфедин Харуни (пратеник во Собранието на РМ), Владимир Милчин (декан на Факултетот за драмски уметности), Шабан Шеху (советник во Владата на РМ), Јорданчо Чеврески (член на Советот на МРТ и декан на Факултетот за драмски уметности), Махи Несими (амбасадор на РМ), Фаредин Мифтари (заменик-директор на КПУ Затвор Скопје), Зоран Јовановски (член на Совет на општина Росоман), Коста Балабанов (член на Совет на Музеј на Македонија).

Комисијата во понеделникот ги потврди решенијата за 11-те лица, според новиот Закон за лустрација, кој меѓу другото, предвидува нивно објавување на интернет во рок од три дена.

Дел од членовите на Комисијата беа против повторното разгледување на предметите, имајќи предвид дека Уставниот суд укина некои одредби од стариот закон за лустрација, а Управниот суд ги укина решенијата на лустраторите. Тие сметаат дека со јавното објавување се кршат Уставот и правото на приватност на лицето прогласено за соработник.

Претседателот на Комисијата Томе Аџиев и останатите членови, пак, повикувајќи се на новиот Закон за лустрација, сметаат дека законската обврска мора да се почитува, а соработниците на тајните служби да бидат јавно објавени.