1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ова е година на економски раст на Балкaнот?

Марина Максимовиќ/ Симе Недевски16 мај 2013

Од Светска банка порачуваат дека 2013 година треба да се сфати како „година на шанси“ за забрзување на економските реформи, посебно на план на фискалното прилагодување и на инвестициската клима во регионот на Балканот.

https://p.dw.com/p/18YAS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Последните податоци на Светската банка укажуваат на тоа дека доаѓаат подобри денови за земјите од Западен Балкан, барем што се однесува до економијата.

И додека од Брисел предупредуваат на се' уште присутната рецесија, како во земјите од еврозоната, така и во целата Унија, со можност на почеток на стопанскиот раст дури на крајот на оваа и во текот на 2014 година, водечкиот економист на Светската банка, Жељко Богетиќ, еден месец пред извештајот на таа организација за економските преспективи за земјите од Југоисточна Европа, во разговорот за ДВ открива: „Се надевам оти 2013 година ќе претставува пресврт. По двојната рецесија која траеше неколку години наназад, оваа година претставува година на стопански пораст во сите земји од Западен Балкан. Сега се поставува предизвик како да се одржи таа динамика во рамките на тешкото опкружување и продолжената рецесија во еврозоната.“

Како да се одржи излезот од рецесија?

Минатата година беше специфично тешка и поради факторите од „еднократна природа“, како што беа силната зима и сушното лето што ги погоди како економијата така и енергетскиот сектор во земјите од регионот. Веќе првиот квартал оваа година и донесе на Србија (но и на други земји од регионот, меѓу нив и на Македонија) формален излез од рецесијата, со пораст на индустриското производство од 5,2 проценти, што влијаеше на Брутодомашниот производ кој забележа раст од 1,9 проценти.
И додека едни тврдат оти „големото Фиќо“ овој пат ја „извлече Србија“, од седиштето на Светската банка од Вашингтон велат: „Општа слика е дека стопанството во Србија, како најголема економија на Западен Балкан, но и во целиот регион, закрепнува од рецесијата од минатата година, во значајна мерка поради отсуството на споменатите еднократни негативни фактори, но и поради одредени инвестиции. Сепак општото темпо на тоа закрепнување не е толку силно и во извесна мерка е ограничено со рецесијатата во еврозоната“, вели Богетиќ.

USA Wirtschaft Washington DC Zentrale der Weltbank Gebäude Logo
Фотографија: ullstein bild - Fotoagentur imo

Бизнис климата-слаба точка“

И додека од Владата на Србија најавуваат прилив од 2 милијарди евра инвестиции до крајот на годината, во Светската банка велат дека програмата на економската политика во Србија е многу јасна веќе некое време. Се оценува дека Владата тргнала во неопходни фискални прилагодувања, за да се стабилизираат јавните финансии и да се сврти ескалацијата на буџетскиот дефицит и јавниот долг. Меѓутоа, јавниот долг на Србија е и понатаму голем, дефицитот мора да се намали, а првата голема работа за Србија е да истрае на тој пат, вели Богетиќ. Истовремено тој предупредува на уште една, потешка ситуација: „Меѓу земјите од Запаен Балкан, Србија не котира добро во смисол на инвестициска клима и тоа според многу меѓународни мерила. Многу треба да се стори за намалување на бариерите за функционирање на малите и средни претпријатија, за се' она што го прави полесно извршувањето на работата и ангажирањето на работна сила. Тоа се огромни проблеми кои треба поагресивно да се решаваат. Доколу тоа се случи во вид на поголеми вработувања, поголеми инвестиции и зголемено интересирање на странски капитал за српската економија тие нема да отсуствуваат.“

Економска политика- основа за успех или неуспех

Од Светска банка затоа порачуваат дека 2013 година треба да се сфати како „година на шанси“ за забрзување на економските реформи, посебно на план на фискално прилагодување и на инвестициската клима во регионот: „Основната варијабила која ќе го поставува прашањето на успех или неуспех за економското закрепнување е домашната економска политика. Со значајно унапредување на буџетската политика, инвестициската клима и структурните реформи можно е земјите од Западен Балкан да се вратат на далеку подинамичен пат на економски раст, кој конечно би резултирал со многу поголеми вработувања и благосостојба на населението“, заклучува Богетиќ во разговорот за ДВ.