1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Огнената стихија и натаму ја загрозува Македонија

Александар Чомовски25 јули 2007

На повеќе локации беснеат нови пожари,владиниот Кризен штаб донесе одлука да се набават хидоравиони и пожарникарска опрема

https://p.dw.com/p/BM0m
Фотографија: dpa - Fotoreport

Ако се изземат трите природни езера и околината на вештачките Мавровско и Тиквешко,нема регион во Македонија каде што нема пожар.Огнената стихија се интензивира во Штипско,Свети Николе и Беровско,горат шумите во околината на главниот град,нови кај Скопска Црна Гора и Китка,како и во националниот парк Јасен.Под контрола е огнот на Козјак,но хидроцентралата не е во опасност.Најголемите пожари во околината на Битола и Катланово се под контрола,активирани се околу 25 пожари,изгореа досега 2 илјади хектари шуми.Има огромна материјална штета и еден загинат.

„Во меѓувреме се јавија и неколку нови пожари,посебно би го нагласил оној кај Прилеп и кај Гевгелија.На сите овие локации се делува максимално.Како што првпат досега се случи,владата да прогласи вонредна состојба,така за првпат се случи Дирекцијата за заштита и спасување да прогласи мобилизација на силите,кои се распоредени на сите жаришта,објасни шефот на Кризниот штаб,Панде Лазаревски.

„Во ургентен рок ќе се обезбеди дополнителна опрема и ќе се обезбедат дополнителен број луѓе кои ќе можат да реагираат на новонастанатата состојба со пожарите.Владата го задолжи Министерството за финансии на соодветен начин да ја заокружи финансиската конструкција“,изјави министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Таа најави нови противпожарни возила,најверојатно и хидоравион.Зголемен е и приливот на пациенти од топлотниот удар,болниците се опремуваат за кризна состојба,пожари плус високи температури,досега се вградени околу 500 климатизери, во сите државни здравствени установи,се очекува да се вградат уште околу 500.

И болниците се подготвени за непредвидлив развој на состојбата околу справувањето со огнената стихија.Меѓународната солидарност исто така е важна,помош стигна и од балкснките земји каде има пожари,а се очекуваат и два германски авиони од силите кои се наоѓаат во состав на УНМИК на Косово.

„Во разговори сме уште со неколку држави за да ни испратат помош,Швајцарија,имаме понуда и од американска страна,најави синоќа во телевизиско интервју премиерот Никола Груевски.