1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбиен нападот врз Кабул

14 септември 2011

Авганистанската полиција соопшти дека завршил судирот со талибанските бунтовници во Кабул. Покрај неуспехот на акцијата, талибанците повторно ги отворија прашањата за способноста на авганистанските сили за безбедност.

https://p.dw.com/p/12YmT
Центарот на Кабул беше под 20 часовна опсадаФотографија: dapd

Шестмина милитанти на талибанското движење успеаја да го држат во заложништво центарот на Кабул речиси 20 часа и притоа да им се спротивстават на илјадниците авганистански и странски безбедносни сили. Во судирите имало најмалку 10-ина мртви и 23 ранети. Портпарол на авганистанската полиција утрово соопшти дека судирите завршиле откако бил убиен и последниот од шестмината напаѓачи.

Afghanistan Kabul Anschlag Taliban NATO UN Botschaften Botschaftsviertel
Напад на талибанските бунтовнициФотографија: dapd

Милитантите вчера се забарикадираа во повеќекатница во изградба во центарот на Кабул, и оттаму извршија серија ракетни напади врз зградите на американската амбасада и на седиштето на НАТО во градот. Авганистанските безбедносни сили, поддржани од НАТО силите и од хеликоптери ја чистеле зградата кат по кат, за да го одбијат најдолгиот напад на талибанците од американската интервенција во 2001-та.

Целата операција на талибанците се состоела од повеќе координирани напади. Паралелно со упадот во зградата, бомбаши самоубијци нападнале полициски станици во други делови на градот. Во четирите напади загинале вкупно девет цивили, а 23 се повредени. Нападите уште еднаш јасно ја покажаа можноста на талибанците да навлезат во Кабул кога ќе им се посака.

Afghanistan Kabul Anschlag Taliban NATO UN Botschaften Botschaftsviertel
НАТО останува на зацртаната целФотографија: picture-alliance/dpa

„Имаме доверба дека авганистанските власти ќе се справат со ситуацијата. Сведоци сме на уште еден обид на талибанците да ја тестираат транзицијата, но нема да можат да ја сопрат“, изјави генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во текот на нападот.

Според планот на меѓународната заедница, во 2014 година авганистанските сили за безбедност треба во целост да ја преземат контролата врз безбедноста во земјата.

Безбедносни експерти за светските агенции претпоставуваат дека „дошло до распад во системот за безбедност на авганистанските сили или се работи за пропуст на разузнавачките служби“.

Насилството во Авганистан годинава бележи драматичен пораст, со голем број жртви меѓу странските трупи и цивилите. Последниот напад беше втор голем напад врз Кабул за помалку од еден месец, откако минатиот беше нападнато седиштето на Британскиот совет, и притоа загинаа 9 луѓе.

Автор: БГ/ АТ/ ројтерс/ дв

Редактор: Александра Трајковска

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема