1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одземена докторската титула на министерката за образование Шаван

Нина Веркхојзер / Елизабета Милошевска Фиданоска6 февруари 2013

Универзитетот во Диселдорф и‘ ја одзеде докторската титула на сојузната министерка за образование Анете Шаван поради „намерно препишување“. Одлуката е донесена со јасно мнозинство. Шаван најави дека ќе се жали.

https://p.dw.com/p/17Ygh
Фотографија: Getty Images

Факултетскиот совет на Филозофскиот факултет на универзитетот „Хајнрих Хајне“ ја донесе одлуката за одземање на докторската титула на министерката за образование Анете Шаван по повеќечасовна седница, соопшти вчеравечер (05.02) деканот на факултетот Бруно Блекман. Шаван „систематски и намерно“ во докторскиот труд како свои презентирала „мисли кои не се нејзини“, рече Блекман. Деканот образложи дека во дисертацијата на тема „Личноста и совеста“ од 1980 година во значителен обем се преземени „туѓи текстови кои не се означени како цитати“. Оттука, Советот на факултетот смета дека станува збор за „намерна измама преку плагијат“.

Министерката Шаван пак постојано тврди дека е можно во својата дисертација да направила грешки поради невнимателност, но дека ниту мамела ниту имала намера да направи плагијат.  На тоа Советот на факултетот по темелна контрола на дисертацијата, своевремено оценета со највисока оценка, гледа поинаку. Петнаесетчленото тело одлуката ја донесло со големо мнозинство.

Шаван сака да се жали

Министерката за образование, која во моментов е на политички разговори во Јужноафриканската Република, по одземањето на докторската титула има намера да се жали на одлуката на Советот, соопштија нејзините адвокати. Партиските пријатели на Шаван, која е од владејачката Христијанско-демократска унија, изразија разбирање за ваквиот чекор и застанаа зад нејзе. Заменикот шеф на пратеничката група на ЦДУ Михаел Кречма оцени дека се работи за „политички мотивирана кампања против една многу успешна сојузна министерка за образование“. Патрик Мајнхарт, експерт за образовна политика во ФДП, нагласи дека се‘ додека не се добие судска развршница важи претпоставката за невиност.

Doktorarbeit von Annette Schavan
Докторскиот труд на министерката ШаванФотографија: picture-alliance/dpa

Се‘ уште веродостојна министерка?

Сепак, прашање е дали 57-годишната Шаван во вакви околности може да остане сојузна министерка за образование и наука. Политичарите од опозицијата сметаат дека таа мора да поднесе оставка.

„Не можам да си претставам како една министерка за образование со ваква дамка сака да остане на функција во Германија“, изјави Штефи Лемке од редот на Зелените. Петра Зите од Партијата на левицата, пак, смета дека е загрозен угледот на функцијата. „Госпоѓа Шаван треба самата да извлече консеквенци и да ја ограничи штетата за функцијата министер за образование и наука“, рече Зите, која е надлежна во својата партија за политика на истражувања. Шефот на социјалдемократите Зигмар Габриел е воздржан и вели: „За последиците мора таа сама да размисли.“

За германската канцеларка Ангела Меркел оставка на Шаван на девет месеци пред сојузните парламентарни избори би била горчлива загуба. Шаван важи за близок соработник на Меркел и член на владата врз кој канцеларката многу се потпира. Меркел пред две години веќе загуби еден министер поради „нечиста“ дисертација - тогаш министерот за одбрана Калр-Теодор цу Гутенберг поднесе оставка откако се констатираше дека препишал цели делови од својата дисертација.