1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одзивот нешто подобар отколку на претходните избори во Германија

ЕМФ/отс/дв22 септември 2013

На парламентарните избори во Германија одзивот на избирачите до 14 часот изнесувал 41,4 проценти. Притоа не се земени предвид граѓаните коишто гласаат со писмо.

https://p.dw.com/p/19ltg
Фотографија: Getty Images

На изборите за Бундестагот во 2009 година, одзивот на избирачите до 14 часот изнесуваше 36,1 процент. Одзивот вкупно изнесуваше 70,8 проценти, односно беше рекордно низок. Притоа, одзивот, според аналитичарите, е многу важен за исходот на изборите, кои овој пат, како што се прогнозира, ќе бидат навистина до крај неизвесни. Истражувачите на јавното мислење предвидуваат пат позиција на коалицијата на Меркел и опозиционите партии. Многу граѓани до крај беа неопределени.

Во дел од последните анкети пред изборите мала предност имаа владејачките партии, во дел - опозицијата. Набљудувачите се единствени само во ставот дека улога на фаворит без сомневање има канцеларката Ангела Меркел. Таа може да се надева nа уште четири години на врвната позиција во Владата, со кој и да е коалиционен партнер.

Црно-жолта или црно-црвена коалиција?

Доколку владејачката коалиција на партиите на Унијата (ЦДУ и ЦСУ) и ФДП (либералите) не освои доволен број гласови за да владее и натаму, можно е да дојде до голема коалиција, како во 2005 година, и на власт да бидат Унијата и СПД (социјалдемократите). Замислива е и црно-зелена коалиција на Унијата и Зелените, но можноста за таков сојуз беше исклучена пред изборите, исто како што се тврдеше дека нема да дојде до црвенo-црвено-зелена коалиција, односно покрај СПД и Зелените, во евентуална владејачка коалиција да биде приклучена и Партијата на левицата. Шансите за СПД и Зелените сами да состават владејачка коалиција, според анкетите, не се добри.

Bundestagswahl Deutschland 22.09.2013 Kombobild Steinbrück Merkel
И Пер Штајнбрик и Ангела Меркел веќе го дадоа својот гласФотографија: Daniel Roland/Johannes Eisele/AFP/Getty Images

Право на глас имаат 61,8 милиони граѓани. Избирачките места се отворени до 18 часот. Во покраината Хесен, покрај сојузните, денеска се одржуваат и покраински избори. За место во парламентот се борат 4500 кандидати од 34 партии. Сигурно е дека во парламентот ќе има пратеници на Унијата (во 2009 година - 33,8%), СПД (во 2009. - 23%), Партијата на левицата (во 2009. - 11,9%) и Зелените (во 2009. - 10,7%). За ФДП (либералите) кои пред четири години постигнаа рекорден резултат -14,6%, овојпат ништо не е сигурно. Дали тие ќе го минат цензусот од 5 % не се знае, особено ако се има предвид дека на покраинските избори во Баварија пред една недела освоија само 3,3% од гласовите.