1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлуката за сметката на А1 се пролонгира

2 февруари 2011

Кривичниот суд во Скопје до петок ќе ја донесе одлуката за одмрзнување на сметката на телевизијата „А1“. Се чека и одлуката на Апелацискиот суд по жалбата за продолжениот притвор за обвинетите од „Перо Наков“.

https://p.dw.com/p/QxfM
А1 и натаму емитува од пред зградата на ВладатаФотографија: Petr Stojanovski

Наспроти очекувањата дека одлуката околу сметката ќе падне во текот на денов, решението се пролонгира поради комплексноста на предметот, изјави претседателката на Основниот суд Скопје 1, Лидија Неделкова.

Неделкова се пожали дека во петокот примила телефонска закана од машко лице кое се јавило од телефонски број од Германија. Иако случајот не го пријавила во полиција, таа се сомнева дека станувало збор за случајот „Пајажина“. Била предупредена да внимава што прави.

Бранителите на осомничените во случајот „Пајажина“ сметаат дека е реално до петок да се донесе одлуката за деблокирање на сметката на „А1“, за која сметаат дека била неосновано блокирана. Адвокатот Миодраг Вујиќ смета дека има друг начин за наплата на побарувањата.

Инаку, поради блокадата на сметката ставен е под прашање опстанокот на телевизијата која и натаму програмата во живо ја емитува од пред зградата на владата во Скопје. Во меѓувреме, се чека и одлуката на Апелацискиот суд по жалбата за продолжениот притвор за обвинетите од „Перо Наков“, кои се во притвор 40 дена.

Автор: Костадин Делимитов

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска