1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлуката на САД за уставното име поздравена во политички Берлин

5 ноември 2004

По вчерашниот молк, утринава герамнските политички партии ја поздравија одлуката на САД Република Македонија да ја признае под нејзиното уставно име.

https://p.dw.com/p/AcK4
Фотографија: AP

"Се радувам што Американците го направија овој чекор. За ова ништо не знаев”– ни изјави социјалдемократот Ута Цапф, која патем е еден од иницијаторите на минатонеделниот заклучок на германскиот Бундестаг за употребата на официјалното име на Република Македонија на ниво на ЕУ и која смета дека употребата на ознаката ФИРОМ е понижувачка. Таа забележува дека верува оти и Европа ќе се согласи со ова официјално име и дека ќе започне еден процес со Грција. Според Ута Цапф за ова треба да се дискутира и да се каже ”Ајде луѓе да најдеме едно решение”. Првиот камен ја погоди целта и сега треба да се остави работата да ја турка тивката европска дипломатија.

Наспроти ваквото оптимистиочко гледањее, факт е меѓутоа дека Грција и вчера, а и денес реагира во Брисел. За ова госпоѓа Цапф е категорична:

”Најпрво сметам дека Грција нема причина така да реагира зашто со години Грција и Македонија разговараат за најадекватнто име кое би било прифатливо за двете страни. Последнава недела читав дека е направен исчекор. Второ, Македонија направи се да ги избие чудните аргументи, според кои таа има територијални претензии на територијата што го носи истото име и затоа малку го разбирам односот на Грција.”

Одлуката на САД за примената на уставното име на Република Македонија ја поздрави Кристијан Шмит од Христијанско демократската унија, според кого сега е момент Европската Унија и САД да бидат единствени околу ова прашање.

”Сметам дека Американците ја спознаа реалноста дека бескрајното натегнување околу името е неоддржливо” вели и либералот Рајнер Штинер, подвлекувајќи дека одлуката да се отфрли ФИРОМ и да се користи уставното име е значаен политички сигнал што треба да се следи.

Наспроти ваквите реакции од партиите, канцеларот Шредер, меѓутоа во вторникот, на средбата со македонскиот премиер Хари Костов, кога стана збор за името беше воздржан. Зошто ? - еве како коментираат парламентарците.

”Шредер мора да биде воздржан зашто е поврзан со европската надворешна политика и тој сигурно добро е советуван да се однесува така и да не викне: ура и ние така ќе направиме. Мора да почека како таа тема ќе се дискутира со неговите европски колеги”

вели Ута Цапф, додека др. Рајнер Штинер смета дека станува збор за германската претпазливост, но сигурно би било подобро ако можат работите да се поедностават. Според неговиот личен став досегашната состојба со именувањето на Македонија е неодржлива и промената е неопходна.