1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одлучи се за еден пасош!

Карла Блајкер / Е. Милошевска Фиданоска7 февруари 2013

Оваа година за или против германско државјанство треба да се одлучи генерацијата деца на доселеници кои се родени по 1990-та, а кои досега имаа две државјанства-германското и државјанството на татковината на родителите.

https://p.dw.com/p/17aFU
Фотографија: Fotolia/babimu

Ебру Узун на својот 18. роденден добила писмо, во кое стоело дека мора до 23-тиот роденден да се одлучи дали ќе го задржи само германското или само турското државјанство. „Тука бев прилично прагматична“, вели Узун, која на втори април ќе наполни 23 години. „Многу патувам, а сега и студирам во странство. Тоа со турско државјанство е едноставно непрактично.“

Ќерката на турски родители уште во 2011 година се одлучила за германското државјанство. Во моментов е на магистерски студии во Лондон. Не и‘ било лесно да се откаже од турскиот пасош: „Тоа е дел од мојот идентитет од којшто мора да се откажам и не ми беше многу јасно зошто тоа мора да го сторам. За државата и нема некој којзнае каков проблем ако го имам и другото државјанство“, вели Узун.

Таа е една од 3316 млади луѓе со двоен пасош кои годинава мора да се одлучат. Погодени се деца на странци кои се родени во Германија по први јануари 1990 година. За нив важи - ако родителите се најмалку осум години во Германија, со регуларен престој и работа, децата имаат право да добијат германско државјанство. Ваквиот закон важи од 1 јануари 2000 година ретроактивно и за децата родени по 1 јануари 1990 година. Повеќето од овие деца имаат двојно државјанство - германското и државјанството на своите родители.

Сепак, тие до својата 23 година мора да се одлучат за едно од државјанствата. Тогаш настапува таканаречената опциона обврска. Ако родителите доаѓаат од земја на ЕУ или од Швајцарија, тогаш децата смеат да ги задржат двата пасоша, доколку поднесат такво барање до својата 21-ва година. Ако вториот пасош, пак, е од земја која не е членка на ЕУ, тогаш со бинационалноста е завршено. Опционата обврска предвидува две можности: младите кои се ќе се одлучат за своето странско државјанство мора да се откажат од германското, а доколку пак се одлучат за германското мора да побараат отпуст од државјанството на своите родители и на тој начин стануваат Германци. Доколку не ги достават навреме документите во институциите задолжени за прашања на странци, ќе го загубат германското државјанство со наполнувањето 23 години.

Фаталноста на непреземањето ништо

Службите за советување како што се оние за млади мигранти, сакаат да спречат вакви случаи. „Наша задача е да им укажеме на луѓето дека ќе го загубат германското државјанство доколку не прават ништо“, вели Херберт Ликен, раководител на службата која се занимава со овие прашања - АВО, во Бремен. „Ние мора да им ставиме јасно до знаење: ако ништо не преземеш, од задутре си ’само’ Турчин.“

Ein deutscher und ein türkischer Pass
Најголемиот број млади во Бремен кои мора да се одлучат за еден пасош се со турски корениФотографија: picture-alliance/Bildfunk

Токму тоа и‘ се случи на една девојка во Хесен. Таа и покрај неколку барања од страна на властите не успеала навреме да го достави отпустот од турско државјанство и на 3 јануари 2013 година го загуби германското државјанство. Доколку сака повторно да го добие, мора да мине низ компликуваната германска постапка на добивање државјанство и дури и да полага тест за државјанство.

Фондацијата Бертелсман поради ваквите случаи се изјасни против опционата обврска. Експертот за прашања на интерација од фондацијата Бертелсман, Улрих Кобер, вели дека „од интеграциска перспектива е катастрофа“ кога луѓето поради незнаење или пропуштање на роковите го губат германското државјанство.

Да се дозволи бинационалност?

АВО е за тоа во Германија да се дозволи трајно двојното државјанство. Херберт Ликен вели: „Не гледам опасност за Германија ако луѓето имаат два пасоша.“

Symbolbild binationale Ehen, multikulturelle Ehe
При двојно државјанство компликувана е постапката за развод, зашто е тешко да се определи кое право да се примениФотографија: picture-alliance/dpa

Во германскиот закон кој го регулира ова прашање меѓутоа многу суштински дел е „избегнување на повеќе државјанства“. Оние кои отфрлаат двојно државјанство укажуваат, меѓу другото, и на проблемите при испорака на сторители на кривични дела. Друг аргумент на противниците на двоен пасош се комликациите при постапките за развод, кога на пример е тешко да се определи кое право да се примени на сопружникот со две државјанства.

АВО во Бремен годинава веќе дала совети на десет млади луѓе по прашањето на отпуст од странско државјанство. Вкупно, во Бремен годинава околу 30 луѓе се погодени од опционата обврска. Повеќето од нив имаат турски корени, нагласува Ликен, и повеќето сакаат да го задржат германскиот пасош. Една од причините за тоа е избегнување на служење воена обврска во Турција. Голема улога прид одлучувањето за германско државјанстви игра и чувството на припадност кон Германија. Младите се родени во Германија и тука се израснати, а татковината на своите родители ја знаат само од своите одмори шти ги минале таму.