1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Брисел се очекува добра вест, но што потоа?

Костадин Делимитов10 октомври 2012

Европската Комисија денеска ќе го објави извештајот за напредокот на Македонија. Извесно е дека во него по четврти пат ќе има и препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ. Очекувањата се позитивни, но што потоа?

https://p.dw.com/p/16N7z
Фотографија: MIA

Политичарите во Македонија очекуваат објективен, реален и досега најпозитивен извештај за напредокот од Брисел со четврта по ред препорака за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Сепак мали се надежите дека и покрај позитивните сигнали, Грција ќе попушти и во декември земјата ќе добие и датум за старт на преговорите. Поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски очекува во извештајот да биде спомната и пресудата на Меѓународниот суд во Хаг, но и поголема поддршка од земјите членки во однос на препораките за Македонија:

„Очекувам од страна на повеќе членки на ЕУ, не само традиционалните поддржувачи Шведска, Балтичките земји и Словенија, туку сега и една поголема група што би ја сочинувале Холандија, Германија, Австрија, Италија, Унгарија, Полска и други, да се придружат како гласни поддржувачи на Македонија за време на декемвриските состаноци на ЕУ земјата да добие одлука за почеток на преговорите за членство. Дали тоа ќе се случи, сепак зависи од нивната можност да бидат убедливи во разговорите со Грција, како земја што досега беше единствената причина што не започнаа преговорите за членство. Но и Грција е би рекол во една поинаква ситуација и можеби тоа е шанса и за неа да ги согледа и перспективите и полезноста од отворањето на преговорите за членство“, смета Милошоски

Antonio Milososki mazedonischer Außenminister
Антонио МилошоскиФотографија: Dragan Todorovski

Во најголемата опозициска партија очекуваат во извештајот да нотираат некои позитивни чекори, но еднакво очекуваат да бидат нотирани и негативните трендови во Република Македонија кои што продолжуваат веќе неколку години по ред. „Пред се мислам во делот на демократијата, слободата и правата на граѓаните, медиумските слободи“, изјави за Дојче Веле потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев.

Повторно ќе нема датум?

Позитивен извештај со препорака за старт на преговорите очекува и поранешниот вицепремиер за евроинтеграции Ивица Боцевски, но не и датум за преговори на крајот од годинава пред се поради противењето од страна на Грција:

„Македонија одамна заслужува да ги отпочне преговорите, Македонија заслужува и многу други нешта, меѓутоа тоа очигледно оваа година нема да се случи. Да се разбереме, јас не сакам да имплицирам дека Македонија достигнала неко внатрешно ниво на реформи, па сега заслужува да биде споредувана со земјите од Скандинавија или развиениот дел на Европа, меѓутоа за почеток на преговорите Македонија одамна ги надминала сите оние критериуми кои биле вообичаени во земјите во Унијата. Се разбира тоа не значи дека во моментот кога ќе отпочнеме со преговорите и кога ќе влеземе во Унијата ќе живееме во совршена земја, меѓутоа ќе живееме во доволно добра земја да биде дел од европското семејство“, смета Боцевски.

Mazedonien Der Vizeministerpräsident Ivica Bocevski
Ивица БоцевскиФотографија: DW

Македонија го доби кандидатскиот статус во 2005, а четири години подоцна и оценката дека ги исполнила политичките критериуми за отворање на преговорите за членство. Препораката се повторува, заедно со стандардните забелешки дека се потребни засилени реформи во судството, администрацијата, состојбата со медиумите, борбата против корупцијата. Како последно, еврокомесарот Штефан Филе минатиот месец во Скопје изрази загриженост и за меѓуетничките односи, а во рамки на претпристапниот дијалог го отвори и прашањето на добрососедските односи.