1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Западот - честитки за Олмерт и прекин на финансиската помош за Палестинците

30 март 2006

Претседателот на Палестинците Махмуд Абас и Арапската лига го предупредија Израел против еднострани чекори во блискоисточниот конфликт

https://p.dw.com/p/Ae2a
Ехуд Олмерт
Ехуд ОлмертФотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер исходот на изборите во Израел го оцени како знак на надеж за мир на Блискиот исток.

Американската влада му ја честита победата на израелскиот премиер Олмерт и го покани да го посети Вашингтон. Ставот на американската влада во однос на еврејските населби во Западен Јордан и протегањето на границата спрема палестинските територии е непроменет, рече портпаролот на министерството за надворешни работи Шон Меккормак. Владата, според него, ќе ги преиспита контактите со официјалните палестински претставници, со оглед на законската забрана за соработка со терористичи организации. САД, како и Израел и ЕУ, Хамас ја сметаат за терористичка група. Државниот секретар Дејвид Велч веќе се упати во регионот на консултации. Претседателот Џорџ Буш одби каква било помош за новоформираната влада на палестинските автономни власти предводена од исламистичкото движење Хамас. Наместо тоа, помош ќе биде упатена директно до населението, рече Буш во Вашингтон.

И Канада ја запре целокупната помош за Палестинците по стапувањето на должност на владата на Хамас и прекина секаков контакт со неа се’ додека Хамас не ги исполни условите од меѓународната заедница: откажување од насилство, признавање на државата Израел, како и на досега потпишаните мировни договори.

По победата на изборите на неговата партија, досегашниот пеоден израелски премиер Ехуд Олмерт им понуди на Палестинците преговори за мир и за основање палестинска држава. Истовремено тој се закани со еднострани чекори во утврдување на идната граница, доколку на палестинска страна не наиде на подготвеност за решение по пат на преговори. Новиот палестински премиер Исмаил Ханија веднаш ја одби понудата на Олмерт. Претседателот на Палестинците Махмуд Абас изјави: „Се надеваме дека Олмерт ќе ја промени политиката од еднострани кон преговарачки чекори“.

22-те земји-членки на Арапската лига од самитот во суданскиот главен град Картум, покрај предупредувањето против еднострани чекори, ја повторија и понудата до Израел за воспоставување дипломатски односи под предуслов Израел да се повлече од териториите окупирани во 1967-ма година, потоа да се формира палестинска држава со Источен Ерусалим како нејзин главен град и да се најде решение за бегалскиот проблем. Арапската лига е против финансиски притисок врз палестинските власти и бара респектирање на демократската волја на палестинскиот народ.

Поранешниот пратеник на ОН за Блискиот исток Терје Руд-Ларсен смета дека е можно востановување палестинска држава и покрај сегашниот однос на силите на Блискиот исток: „Она што е овде барем теориски можно, е договорот меѓу Палестинската ослободителна организација и Израел, кој е конзистентен со Мапата на мирот, може да води до востановување палестинска држава со привремени граници. Тоа би значело крај на палестинските власти и востановување палестинска држава“.