1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од играчка-плачка поради интернетот!

19 август 2010

За многу луѓе стана ритуал, покрај проверка на електронската пошта, да се посети и некоја од социјалните мрежи, како на пример „Фејсбук“, која е омилена кај младите. Но, дали тие се свесни за опасностите од овие мрежи?

https://p.dw.com/p/OrDO
Фотографија: picture-alliance/ dpa/ DW-Fotomontage

Бројот на корисници на социјални мрежи, меѓу кои особено популарни се Фејсбук, Твитер и МајСпејс, постојано расте, но многумина не обрнуваат внимание на личните податоци коишто секојдневно ги објавуваат. Дали се работи за лекоумност или, едноставно, за незнаење?

Неодамна, американскиот хакер Рон Боус покажа колку е лесно да се дојде до нечии приватни податоци; објави попис со податоци од околу сто милиони корисници на Фејсбук. Се наметнува прашањето дали сите овие корисници биле навистина свесни какви се` информации објавиле на социјалните мрежи? Професорот Клеменс Скибики од германскиот Институт за комуникации дава потврден одговор:

Startseite Twitter.com
Зад шареноликоста на социјалните мрежи демнат мноштво опасности

„Знаат што прават; свесни се дека често ги кршат правилата за објавување фотографии и дека се` што објавуваат, начелно не може да се избрише.“

Професорот Скибики зборува за лица помлади од 30 години, кои и` припаѓаат на т.н. „дигитална генерација“, израснати во дигиталниот свет, поради што од самиот почеток се навикнале да располагаат со многу информации:

„Овие млади се сосема поинакви од генерацијата на нивните родители. На нив мошне силно влијаат телевизиските сапуници, ток-шоуата и, пред се`, емисиите од типот на Big Brother во кои приватноста на луѓето великодушно се сервира во јавноста. Луѓето без било какви предрасуди гледаат на таа нова дефиниција на приватното и јавното.“

„Дигиталната генерација“ мора да биде попретпазлива

Сепак, за недоволната заштита на личните податоци виновни се и самите социјални мрежи. Кај нив, најчесто е програмирано автоматско објавување на одредени информации, па ако некому тоа не му се допаѓа, мора сам да ја деактивира таквата опција. Џо Багер, стручен соработник на германското компјутерско списание "c't" вели дека упатствата за заштита на приватноста се неразбирливи за поголемиот дел од корисниците на социјални мрежи и поради тоа - буквално бескорисни:

Social Media Facebook
Секој корисник мора сам да се погрижи за уредување на опциите за заштита на приватностаФотографија: picture alliance/dpa

„Опциите за заштита на приватноста на Фејсбук се толку комплицирани, што просечниот корисник тешко ги разбира. Од Фејсбук изјавија дека во моментов се` е стандардизирано во оваа сфера, но јас сметам дека нештата и натаму се премногу комплицирани.“

Социјалните мрежи се се` уште нов феномен. Дигитализираното општество мора да научи како се постапува со информации на тие мрежи и да развие чувство за тоа што е јавно, а што приватно. Затоа, потребно е да се работи на т.н. „медиумска способност“ која според професорот Скибики е важна општествена задача:

„Се` уште немаме универзално решение, но науката, политиката, родителите и пред се` самата дигитална генерација мора да вложи труд за развој на нови концепти во оваа област.“

Дотогаш, секој корисник мора сам да ги одреди дигиталните граници на својата приватна сфера!

Автор: Франциска Шмидт / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска