1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Ирак се повлекуваат хуманитарците на Кеар интернешенал

20 октомври 2004
https://p.dw.com/p/AcKS
Маргарет Хасан - раководител на Кеар во Багдад
Маргарет Хасан - раководител на Кеар во БагдадФотографија: dpa

Денеска во Ирак еден атентатор самоубиец го крена во воздух возилото полно со експлозив на патот кон меѓународниот аеродром во Багдад. При тоа с повредени најмлаку четири лица, од кои две се американски војници, а две ирачки полицајци. Авто-бомбата експлодира во близината на еден американски воен конвој.

Исламските екстремисти пак ја киднапираа Маргарет Хасан, раководителка на меѓународна хуманитарна организација Кеар, по што е најавено комплетното повлекување на нејзините соработници од Ирак.

Киднапирањето на Маргарет Хасан, која има ирско потекло, но е мажена за Ирачанец и веќе 30 години живее и работи во Багдад, предизвика паника кај меѓународните фактори поради нејзината и безбедноста на другите странски работници во Ирак. Катарската телевизија Ал Џазира, синоќа емитуваше видео снимка без тон на која се гледа како Хасан седи во соба со нејзините документи за идентификација.

“Таа беше наш директор во Багдад. Таа работи овде повеќе од 25 години и беше мошне хумана личност“ изјави по веста за киднапирањето нејзиниот колега од хуманитарната организација “Кеар интернешнел“ Џери Денис.

Експертите оценуваат дека ирачките милитанти, кои ја презедоа одговорноста за киднапирањето, сакаат да извршат притисок врз официјален Лондон, кој се уште не се изјаснил по барањето на САД за прераспоредување трупи во небезбедните ирачки региони. Денеска во британскиот парламент дури 40 пратеници од владеачката партија ќе поднесат барање за гласање околу одлуката британските сили да се префрлат во опасниот регион на Багдад. Лондонските весници ова го оценуваат како нејголем револт на пратениците на Лабуристичката партија против одлуките на нивниот премиер Тони Блер од почетокот на ирачката криза. Весникот “Дејли телеграф“ , повикувајќи се на извори во Министерството за одбрана, дури тврди дека префрлањето на војниците по барање на САД е веќе договорено. Министерот за одбрана Џефри Хун фактички погрешно го информирал парламентот, кога изјавил дека таквото решение допрва треба да биде донесено.

За безбедноста во Багдад се неопходни уште 10.000 ирачки полицајци покрај сегашните 15.000, порача пак надлежниот американски генерал Пит Кјарини. Ќе бидат неопходни уште најмалку осум месеци за да се обезбедат потребните полицајци за обезбедување на регионот на Багдад и околината, каде живеат околу 6 милиони жители, нагласи Кјарини.