1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Корча и Поградец на пазар во Струга

17 јануари 2010

Бизнисот не познава граници. Визната либерализација ги зближи жителите од двата брега од Охридското Езеро. Албанците од Корча и Поградец пазарат во Струга. Можност да се зголеми економско - трговската размена.

https://p.dw.com/p/LY4v
Струга прераснува во регионален економски центарФотографија: Petar Stojanovski

И додека политичарите го создаваат добрососедскиот амбиент, понекогаш „зачинет“ со некој стар антагонизам, бизнисмените не застануваат. За нив важен е пазарот и профитот. Тие ги притискаат Владите да создадат позитивна бизнис клима.

Патот не’ води кон магацините на некогаш престижната „Струшка трговија“ која пропадна со почетокот на транзицијата. Магацините наместо еден сега имаат десеттици новопечени газди. Колонијал, бела техника, градежни материјали, текстил, тука се’ може да се најде.

„Пред 5 – 6 години ние одевме во Поградец да купиме ефитна стока. Сега е обратно од Поградец, Корча, Либражд доаѓаат тука и купуваат најмногу прехранбени артикли. Тие се поефтини тука и ги купуваат на големо“, вели Зија кој продава санитарија и додава дека и кај него доаѓаат и купувачи од другата страна на Езерото.

Платниот промет е регулиран

Двете соседни земји се членки на ЦЕФТА и се стремат за елиминирање на сите административни бариери. Во Струга има производни фирми како што е „Џезо компани“ која што има свој застапник за албанскиот пазар. Царева Бакраческа објаснува дека легалниот бизнис сега е олеснет:

„Сега е регулирана и наплатата, одиме преку банка без акредитиви. Банките нормално го вршат трансферот на парите и немаме проблеми. Се надеваме дека во иднина ќе се зголемува извозот“.

Албанците се одлучуваат да пазарат тука и поради тоа што дел од трговците говорат на нивниот јазик. Струшките трговци се задоволни од прометот. Економските аналитичари кои ги консултравме велат дека Албанците од преку езерото пазарат во Струга и од еден психолошки момент. Човек кога патува во некое ново место сака нешто да купи велат тие.

„Многу ги интересира квалитетот, но се заинтересирани и за ниските цени. Имав можност да одам во Албанија и да го посетам нашето претставништво и за жал морам да признам дека стануваат подобри од нас“, констатира Царева.

Месото во Струга поефтино од Албанија

Профитираат и месарниците во Струга. Касапот Игор за Дојче веле изјави:

„Албанци редовно доаѓаат пред христијанските празници. Во овој крајбрежен крај живеат доста католици. Некои доаѓаат и по два пати неделно, а има и сопственци на ресторани кои пазарат месо пред се свинско. Кај нив нема голема понуда на месо, месарниците им биле застарени продавале на отворени тезги без да се почитуваат европските стандарди како овде.“

„Пазарот е многу добар. Овде цените се пониски. Најчесто купуваме месо. И кај нас го има ама често доаѓаме и купуваме во оваа продавница. Ние сме задоволни“, ни рече еден купувач од Поградец. Струшките, воопшто македонските трговци треба да го искористат моментот со конкурентни цени и квалитет во понудата да ги задржат албанските потрошувачи:

„Овој вид трговија може да се унапреди ако се олесни преминувањето преку граница.Сеуште се бараат многу процедури трговците и граѓаните се жалаат дека се малтретирани од царниците им бараат сметки како доказ.“

Стоп за нелегалната трговија

Така ќе се избегне илегалната трговија која покрај строгите контроли ја има сеуште. Вон сезона ќе живнат и граничните премини Свети Наум и Ќафасан. Властите најавуват отворање нов кај Радожда и идно железничко поврзување.

Со јазикот на бројките Албанија го зазема 18 место по трговската размена со Македонија.

И натаму Македонија најмногу тргува со Германија, Србија и Грција.

Автор: Милчо Јованоски

редактор: Борис Георгиевски