1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од македонската владина работилница излезе изборниот законик

Александар Чомовски8 март 2006

Дали ќе бидат премостени разликите меѓу власта и опозицијата околу законикот?

https://p.dw.com/p/Adeq
Плакати од минатите избори
Плакати од минатите избориФотографија: AP

Фер и демократски избори е легитимацијата за македонските евро-атлантски амбиции. Тоа е првата препорака и првата сериозна сугестија на кој било странец што ќе допатува во Скопје. Од тоа правило не отстапи ниту Викторија Нуланд, амбасадорката на САД во НАТО центарот во Брисел. Таа се сретна со македонскиот државно-владин врв. Дојде во престолнината на Македонија, по мини-турнејата во Загреб и Тирана, како доказ за американското спонзорство на Јадранската тројка, за членство во НАТО. Американката Нуланд изутринава се сретна со македонскиот премиер Владо Бучковски околу 30-тина минути, пред да почне владината седница за конечната верзија на изборниот законик. Бучковски, по владината седница, на која е утврдена конечната верзија на законикот, рече:

“Имам впечаток дека сите сакаат да одиме што е можно побрзо на избори. Една од клучните претпоставки за да може да се договараме во втората фаза – кога ќе бидат изборите, е да го имаме изборниот законик. Опозицијата мора да даде придонес за создавање подобра атмосфера, а не да создава алиби за евентуалниот изборен неуспех. “

Останува да се чуе гласот на опозицијата. Бучковски најави саботен самит со партиските лидери околу консензус за конечните изборни правила. Во создавањето демократски амбиент се вклучува и претседателот Бранко Црвенковски, кој по минатонеделната средба со главните уредници на медиумите, ќе ги свика и верските поглавари, а ќе органзиира и средба со челниците на партиите. Активни се и меѓународните претставници во триаголникот Скопје-Вашингтон-Брисел. Македонската опозиција е задоволна од цврстата порака на НАТО-амбасадорката Викторија Нуланд, која од Никола Груевски добила гаранции дека ВМРО ДПМНЕ нема да го напушти парламентот, ако не бидат усвоени забелешките на партијата на владината изборна програма и законик. Груевски со изјава:

“Ние нема да бидеме мирни во овој период и сигурно дека силно ќе се залагаме, ќе дејствуваме и ќе бидеме активни во тоа Македонија да добие добар закон, којшто ќе биде одлична препорака за почнување на преговорите на Македонија со ЕУ, одлична препорака Македонија во 2008 година да стане член на НАТО и да имаме цивлизирани избори.“

На средбата со премиерот Владо Бучковски, во сабота, ќе оди и челникот на Либералната партија, Стојан Андов:

“Нема да остане никакво сомневање и ние во работата на овој закон треба да ги изедначиме погледите и да оставиме впечаток и дома и надвор дека не постои законска основа за извртување и фалсификување на волјата на граѓаните“.

Андов се обидува да биде мост меѓу засега непремостливите разлики власт – опозиција, околу составот на избирачките одбори. Владата предлага тоа да бидат државни службеници и дел од државната администрација. ВМРО ДПМНЕ бара во составот на одборите да има и партиски кадри за време на гласањето на парламентарните избори.