1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од милионер до должник

АТ/ дв/ сид/ дпа29 декември 2013

Фудбалерите заработуваат милиони евра и единствена грижа во животот им е да решат дали ќе го купат новиот модел на „Ферари“ или на „Порше“ - ова е општо раширен стереотип за професионалците, и очигледно сосема погрешен.

https://p.dw.com/p/1AiBE
Фотографија: Fotolia/mirpic

Синдикатот на фудбалерите во Германија е загрижен кога се работи за финансиската сигурност на спортистите, кои за живот заработуваат на фудбалските терени. Сонот за купишта пари во текот на активната кариера, од кои може да се води безбрижен живот, го реализират само мал број професионалци.

„Само десет отсто од сите фудбалери, а зборуваме само за врвни професионалци, можат да кажат дека финансиски се осигурале во текот на кариерата. Околу една четвртина од сите играчи крајот на кариерата го дочекуваат во долгови, нив ги мачат големи грижи. Остатокот е некаде помеѓу, во солидна зона, за нив некогаш е подобро, но некогаш им оди полошо“, вели шефот на Синдикатот на фудбалерите во Германија Улф Барановски за дневниот весник „Ди Велт“.

Синдикатот на професионалните играчи ги застапува интересите на околу 1.200 фудбалери. Тој се грижи и за играчите кои се невработени, редовно организира тренинг кампови на кои тие можат да се презентираат на потенцијалните нови клубови.

Барановски се жали дека посебно младите ирачи честопати тврдат дека фудбалер- професионалец е добра квалификација и за живот по спортската кариера. „Играчите помлади од 23 години честопати имаат погрешни претстави за животот, првенствено за работата и кариерата“, дополнува шефот на фудбалскиот синдикат.

Околу 90 отсто од играчите сонуваат за ангажман во фудбалските води и откако ќе престанат да играат. Тоа е легитимна цел, тврди Барановски, и веднаш опоменува дека во пракса тоа е тешко изводливо - од математички причини. „Вработувањата во фудбалот се ретки, бараат одредени кфалификации до кои тешко се стигнува“.

Ulf Baranowsky Vereinigung der Vertragsfußballspieler
Улф БарановскиФотографија: picture alliance/dpa

Тоа треба јасно да им се каже на играчите и нивните родители, за навреме да се направи план Б за по кариерата, им препорачува шефот на фудбалскиот синдикат на профи-играчите.

Која е причината за финансиските проблеми на врвните спортисти кои во Бундеслигата во текот на кариерата заработуваат и по неколку милиони евра годишно? Тоа се нивните советници и менаџери, тврди Барановски: „На повеќето од нив им е најважно да организираат некој трансфер и за него да добијат провизија. Гледаме дека ангажманот на менаџерот попушта кај играчите кои веќе не се барани на пазарот“.

А кога веќе нема ни интерес за нивните услуги, одеднаш тие играчи се наоѓаат во нова ситуација: „Момци кои биле добри играчи и кои постојано биле опкружени со луѓе кои ги удирале по рамењата, одеднаш чувствуваат голема празнина“, вели Барановски.

Некои менаџери во тие ситуации повеќе не се јавуваат на телефон, како да забораваат на нивните досегашни клиенти: „Кај некои играчи тоа е голем удар. Тие честопати се уверени дека врската со менаџерите е пријателски однос. А тоа е погрешен заклучок“.