1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од неонацист до свештеник

Рихард Фукс/ Зоран Јордановски 4 ноември 2012

Долго време Јоханес Кнајфел беше дел од неонацистичката сцена на Германија, се’ додека не беше осуден поради убиство. Во затворот се случи пресврт: Наместо десничарска пропаганда, тој сега чита библиски текстови.

https://p.dw.com/p/16GEi
Фотографија: DW

Јоханес Кнајфел вели дека се насочил кон светлината. По само неколку месеци ќе стапи на должност како свештеник на една евангелистичко-баптистичка црковна општина, за што се подготвува на теолошки семинар кај Берлин. Тој позитивно гледа на оваа најрадикална промена во неговиот живот: „Во овој контекст треба да се знае дека порано им наштетував на луѓето, а сега се радувам што на мене се гледа и како на човек што прави нешто добро за луѓето - и што нив го слушам тоа“, вели Кнајфел.

Долго време радикалната неонацистичка сцена беше неговиот свет. Омраза, насилство, пијанчење, десноориентирани другари. На помлади години Кнајфел е убеден скинхед. Мајка си ја нарекува саката, татко му неспособник.

Во интернет води двоен живот: преку ден Јоханес Кнајфел е добар ученик кој брзо сфаќа, а навечер и на викендот е расист. Омразата спрема странците му дава белег на неговиот поглед на светот.

Тој е горд што е радикален Германец. Денес вели дека тоа му давало нешто, што неговите болни родители никогаш не можеле да му го дадат. „Потекнував од една средина за срамење, а сцената ми даде можност за гордост, како некој вид спас; всушност, дека конечно имам нешто, на што можам да бидам горд“.

Десничарска гордост? Зошто Јоханес Кнајфел навистина толку застрани? Неговиот тогашен раководител на интернатот Екард Нирих се сеќава: „Сигурен сум дека Јоханес имаше погрешни пријатели, кои можеа посилно да го манипулираат, отколку што ние можевме да го водиме“.

01.10.2012 DW Politik direkt Johannes Kneifel
Екард НирихФотографија: DW

Марко С. во тоа време стана негов пример за углед. Со него Јоханес Кнајфел се пијанчеше, со него од скинхед стана криминалец.

Во август 1999 година Кнајфел и неговиот пријател се упатија кон куќата во која тогаш живееше Петер Дојчман, во местото нарекуван хипик. Тој постојано го креваше гласот против бучните нацисти. Тогаш тие му дојдоа на врата. „Тој не отвори, па ние насила ја отворивме вратата. Влеговме внатре и ситуацијата многу брзо ескалира, па ние применивме сила“, вели Кнајфел.

Петер Дојчман остана да лежи тешко повреден. Тој почина в болница - како последица од нападот, велат до денес правниците. Сторителот го посетува анонимниот гроб на својата жртва. Во меѓувреме тој со други очи гледа на Дојчман.

01.10.2012 DW Politik direkt Johannes Kneifel
Јоханес КнајфелФотографија: DW

„Тој беше човек кој не се согласуваше со тоа дека младите таму ширеа деснорадикални пароли и им укажуваше на тоа“, се сеќава екс-неонацистот Кнајфел.

Најголемиот затвор за малолетници во Германија - овде Јоханес Кнајфел помина пет години поради нанесување тешки телесни повреди со смртни последици. Психолозите и во затворот констатираа душевно нарушување на бодибилдерот Кнајфел и долго време се сомневаа дека ќе се одврати од насилство.

Тогашниот расист сега беше затворен заедно со оние, кои порано ги гонеше - доселениците. Тоа во почетокот водеше кон тепачки, но подоцна кон промена на мислењето.

„По релативно кратко време овде имав многу контакти со странците, но и покрај тоа за многумина од чуварите се’ уште бев неонацист, иако слободното време го минував исклучиво со луѓе од јужните земји“, вели Кнајфел.

Пад и нов почеток

Во дворот Јоханес Кнајфел во меѓувреме отворено разговара со затворскиот свештеник Дитер Кулкс за своето минато. Кулкс беше присутен кога Кнајфел прекина со неонацизмот, кога започна да посетува богослужби. Свештеникот цврсто верува во преобразбата на Јоханес, иако многумина беа недоверливи. „За мене Јоханес од самиот почеток беше некој, кој не можеше да се помири со својата вина, од што произлезе прашањето: „Спрема кого се огрешив? Кој може да ми прости за вината? А тоа беше зародиш за религиозни прашања“.

01.10.2012 DW Politik direkt Johannes Kneifel
Јоханес Кнајфел со затворскиот свештеник Дитер КулксФотографија: DW

Потрагата по некој нов живот го донесе Јоханес Кнајфел по затворот во една слободна црква. Наместо десничарска пропаганда, тој сега чита библиски текстови. Наместо машински инженер, сега негова професија од сништата е свештеник.

Работа во семинарот и пракса во црковната општина - секојдневие на студентот по теологија. Личната историја тој ја преточи во книга. Според него - болно соочување со себе си; самопрофилирање на сметка на жртвата, велат критичарите. „Никој мене не ме гледа како херој, но како што ме гледаат некои е чекор понатаму од пример за углед. За луѓе, кои се во слична ситуација сакам јасно да кажам: може да се излезе, може да се започне нов живот. Таков самиот себе си се гледам, како пример за углед, иако некои луѓе тука подголтнуваат и збеснувуваат“, вели Кнајфел.

Пад и нов почеток - Јоханес Кнајфел ги доживеа обете работи. Но, неговото напуштање на неонацистичката сцена останува исклучок - на најголемиот дел не им успева тоа. Кнајфел во иднина сака да работи во едно социјално жариште, да им помага на младите, кои инаку би биле жигосани како грешници, без да добијат втора шанса.