1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од петок забрана за движење во шумите

СН/АТ/миа/макфакс1 август 2012

По пожарите кои беснееја деновиве во Македонија владата донесе одлука за забрана за влез и движење во шумите на физички лица од 3 август годинава. За прекршителите ќе следуваат високи казни.

https://p.dw.com/p/15hgg
Фотографија: picture-alliance/RIA Nowosti

Сите пожари на територијата на Македонија во текот на изминатата ноќ се локализирани, информираше Центарот за управување со кризи. На местата каде што се локализирани пожарите дежураат екипи поради контрола на теренот и превенција од повторно реактивирање.

Од трети август, пак поради превенција од нови пожари, се воведува забрана за влез и движење на физички лица во шумите, соопшти портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
„На барање на Дирекцијата за заштита и спасување Владата обезбеди 10 милиони денари, кои беа побарани во овој случај, и даде согласност за нивна алокација за исплата на надомест за ангажирани обврзници за гасење на пожари, резервни делови и прегледи на авиони, телефонски трошоци. Владата останува подготвена за ангажман на дополнителни средства доколку за тоа се појави потреба и барање од органите“ изјави Ѓорѓиев.

Bildgalerie Extremes Wetter in Europa Mazedonien
Фотографија: AP

Владата одлучи од задолжителните резерви на нафта и нафтени деривати за гаснење на пожарите да отстапи 28.000 литри бензин БМБ и 98.200 литри дизел гориво.

Освен ова, Владата ги задолжи Дирекцијата за заштита и спасување во соработка со јавното претпријатие „Македонски шуми“, во текот на денешниот ден да достават до Министерството за одбрана и АРМ критични региони за надлетување и следење.
Министерството за одбрана, пак, е должно да ги надлетува и да ја следи состојбата во критичните региони, а „Македонски шуми“ дополнително да ангажира работници кои ќе ја следат ситуацијата и ќе се вклучат во евентуални акции за спречување на пожари.

Владата потсетува дека согласно законите, најстрого се забранува палење стрништа на отворено. За непочитување на оваа норма ќе следуваат најстроги санкции.