1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од селанка до икона на модата

13 август 2009

Оваа година, во француските кина ќе бидат прикажани дури два филма за иконата на модата - Коко Шанел. Првиот, со Одри Тату во главната улога, денеска (13.08.2009) започнува да се прикажува и во германските кина.

https://p.dw.com/p/J8pT
Француската актерка Одри Тату на филмската премиера во МадридФотографија: picture-alliance/ dpa

По филмот за Едит Пјаф „Животот во розево“, во германските кина за кусо време доаѓа уште една филмска биографија „мејд ин Франс“. Во оригинал филмот носи наслов „ Коко аван Шанел“, што значи „Коко пред Шанел“ и во него режисерката Ан Фонтен ги прикажува првите 28 години од животот на кралицата на модата, која израснала со нејзината сестра во еден дом за сираци, потоа играла во различни Вариете-шоуа, подоцна, пак, била издржувана од еден од нејзините љубовници и сосема полека, и повеќе случајно, го открила својот вкус за модата. Одри Тату смета дека е предност тоа што филмот обработува само исечок од животот на модната креаторка: „Немав страв да одглумам една икона, но стравував од тоа да играм една позната жена, за која, меѓутоа, не се знае многу. Од времето на нејзината младост, пред да стане позната, има само малку материјал. Сепак, брзо бил препознаен нејзиниот талент и и‘ успеало со многу знаење да ги покрие нејзините грешки и карактерни слабости.“

Mode von Coco Chanel Kalenderblatt
Познатите Шанел-костуми - препознатлив стилФотографија: AP

„Шанел во староста била прилично несимпатична“

Една од причините зошто филмот за кралицата на модата функционира толку добро покрај актерското остварување на Одри Тату лежи и во режисерката Ан Фонтен. Таа не се смета себеси за феминистка, но во најдобра смисла на зборот е режисерка која со задоволство ги сместува жените во центарот на нејзините приказни. Притоа, Фонтен многу трезвено гледа на личноста на Коко Шанел.

Coco Chanel
Коко Шанел со многу знаење ги покривала своите карактерни слабостиФотографија: AP

„Младоста кај митска фигура како Коко Шанел е многу потаинствена, но и многу попоучна. Како на оваа селанка од провинцијата, која самата се образувала, и‘ успеало така успешно да го пронајде сопствениот стил? Не сакав да снимам академски филм, кој го опфаќа целиот нејзин живот. Тоа би било апсурдно. Младоста на еден човек е секогаш поинтересна, зашто човек е поповредлив и подобро гледа што се случува. Шанел, на крајот на животот, била многу авторитарна и многу тврда и прилично несимпатична, тука мора да се каже каже вистината.“

Автор: Јерг Тажман / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска