1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Србија и Македонија на германски „социјални јасли“?

Штефани Хепнер/ Жана Ацеска13 октомври 2012

Зимата се приближува на Балканот, а илјадници македонски и српски Роми бараат азил во Германија. Затоа, политичарите се‘ погласно бараат стопирање на визната либерализација за Србите и Македонците.

https://p.dw.com/p/16PUU
Фотографија: picture-alliance/ZB

78 луѓе, толку малку од Србија и од Македонија побарале азил во Германија во 2010-та година. Само во септември оваа година пак 2.435 луѓе од овие две земји побарале азил. Бројката е земена од германското Министерство за внатрешни работи, а таа ги наведе многумина политичари да побараат проверка на визните олеснувања за граѓаните од овие две држави, кои од декември 2009. можат да влегуваат во ЕУ без визи. Оттогаш, но посебно последниве месеци, драстично се зголемува бројот на баратели на азил од Македонија и од Србија.

Причината е економската ситуација

„Од наш агол, доаѓањето на барателите на зил од Србија и од Македонија е јасна злоупотреба на визната либерализација, а тоа мора да има последици“, вели Манфред Шмит, претседател на Сојузната служба за миграција и бегалци.

BAMF Präsident - Dr. Manfred Schmidt
Манфред Шмит, претседател на Сојузната служба за миграција и бегалциФотографија: dapd

„Овде доаѓаат релативно големи семејства, а се работи за економски причини“, истакнува Шмит за Дојче веле. Само џепарлакот, кој се исплаќа во Германија, е трикратно поголем од просечната месечна заработувачка во Србија и Македонија. Проблемот е пред се‘ должината на престојот во Германија.

„Кога луѓето кои доаѓаат од Србија и од Македонија, овде можат да останат осум недели или три месеци, тоа им е доволно во нивните татковини да го финансираат остатокот од годината, половина година или осум месеци“, истакнува Шмит.

Значајна улога во овој однос игра пресудата на Уставниот суд на Германија од јули, според која се зголемија износите за барателите на азил, со тоа што мора да бидат изедначени со вообичаената социјална помош.

Фридрих: „ЕУ треба да ја укине визната либерализација“

Германскиот министер за внатрешни работи Ханс Петер Фридрих планира проверка на безвизните патувања. Министерството за внатрешни работи заедно со покраините е во потрага по начин „како натамошно да се скрати постапката за азил, управноправната постапка и прекинот на престојот од страна на службите за странци во покраините“. Со други зборови, побрзи постапки, побрзо протерување.

Фридрих зборува за „неприфатлива зголемена злоупотреба на азилот“. Масивниот бран на српски и македонски државјани мора веднаш да биде запрен, се вели во министерството за внатрешни работи во Берлин. Слично се изјаснија и министрите за внатрешни работи на покраините Баварија и Хесен.

Фридрих во барањето решение гледа обврска и на ЕУ: „Мора да постои можност ЕУ што е можно побргу да ја укине визната либерализација за овие две земји“.

Во меѓувреме германското министерство за внатрешни работи врши интензивни контакти со владите на Србија и на Македонија, истакнува Фридрих во разговор за Дојче веле.

Про Азил: „Сосема непотребно кревање паника“

Правнополитичкиот референт на организацијата Про Азил, Марај Пелцер, смета дека дискусијата оди во погрешна насока:

„Ова е сесема несоодветно создавање расположени и паника овде насочено против бегалците“, вели за Дојче веле.

Vorstellung des Grundrechte-Reports 2011
Марај Пелцер од Про АзилФотографија: picture alliance/dpa

Тенорот на дебатата според неа може да влијае и врз атмосферата во Германија: „Уште во 1990-те имавме лоши искуства, да споменам само, Росток-Лихтенхаген“, вели таа.

Во 1992. година во северногерманскиот град имаше жестоки судири пред централниот прифатен центар за баратели на азил, што се оценуваат како најмасовни и најтешки ксенофобични насилства во повоена Германија.

„Расположението лесно може да прерасне во расизам“, предупредува Пелцер.

Зимата доаѓа-Ромите тргнуваат

„Ромите во нивните татковини често живеат во сиромашни и провизорни населби, во кои во зима не можат да се заштитат од студот“, објаснува Пелцер. Од оваа причина бројни Синти и Роми токму сега во есен, ги напуштаат родните земји. Не се доволно добро здравствено згрижени, многу деца не одат во училиште.

Sinti und Roma Abschiebung Protest
Стара фотографија, актуелна тема: Кој смее да остане во Германија?Фотографија: picture-alliance/dpa

Според извештај на организацијата Амнести Интернешнл околу 60 проценти од Синтите и Ромите во Србија живеат во лоши економски услови, секој трет нема пристап до чиста вода за пиење. Животниот век, особено кај жените, според извештајот, е понизок од просекот во земјата.

Пелцер дополнува: „Бројот на барања за азил не е еклатантно висок“. Германија може поопушено да се справи со него. Бројката на прифатени барања за добување азил и така е речиси нула.

„Во Франција има поинаква ситуација“, објаснува таа. Таму Врховниот суд донесе одлука на овие луѓе да им се пружи посебна заштита.

„Поради тоа е несфатливо зборувањето за злоупотреба“, смета Пелцер.