1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од џуџе до џин - 150 години Бајер

Клаус Улрих / Александар Методијев1 август 2013

Лекот против болки - Аспирин, е најпознатиот производ на Бајер. Хемискиот и фармацевтски гигант го слави 150 јубилеј. Како една мала фабрика се разви во светски концерн?

https://p.dw.com/p/19Htf
Фотографија: Bayer AG

Кога Бајер АГ кани за својот 150-годишен јубилеј, тогаш на листата на гости има навистина големи имања. Меѓу нив и германската канцеларка.

На официјалната церемонија Ангела Меркел го пофали меѓународниот концерн. Бајер е „реклама и симбол на иновативните и воскотехнолошки места во Германија“, рече Ангела Меркел.

Friedrich Bayer
Фридрих БајерФотографија: Bayer AG

Шефот на концернот Марјин Декерс во својот говор по повод јубилеот рече дека приоритет на Бајер е борбата против гладот и болестите. „Тоа секој ден одново ги поттикнува нашите 110.000 работнички и работници“, додаде Декерс.

Почетоците во Бармен

На 01.08.1863 година продавачот Фридрих Бајер и бојадисувачот Јохан Вескот ја основале малата фабрика за бои во населбата Бармен во Вупертал. Бизнисот одел добро. Најважен муштерија била армијата, која со продуктите од Бајер ги бојадисувала своите униформи.

За да собере свеж капитал фирмата во 1883 година е трансформирана во акционерско друштво. Битката со силната конкуренција, за нови материјали за бојадисување, се водела со помош на тазе дипломираните студенти по хемија.

Bayer Leverkusen Penicillin Produktion
Производство на пеницилин во Бајер Леверкузен (1960 година)Фотографија: Bayer AG

„Законот за патенти, кој беше донесен во Германија нешто подоцна, ја засили позицијата на хемиската компанија“, вели историчарот на економија и експерт за Бајер Вернер Плумпе во разговорот за Дојче веле. Потврда за патент се издавала во случај кога точно ќе можело да се потврди дека заштитениот метод навистина е и нов метод. „А, за тоа се потребни искусни хемичари, кои ќе можат патентите на конкуренцијата да ги оспорат“, објаснува експертот.

Така палетата на продукти од компанијата почнала да се развива. Покрај синтетичките бои, наскоро почнале да се произведуваат и лекови. При производството на бои останувал отпад со кој ништо не можело да се прави. Хемичарите започнале да експериментираат со овие супстанции. На крајот произлегло дека со некои споредни производи при производството на боите би можела да се води битка со болестите или, пак, да се олеснат нивните симптоми.

Аспирин и Леверкузен

Познатиот лек за болки – Аспирин, кој бил регистриран како патент на 06.03.1899 година, е пример за тоа.

„Аспиринот е класична обработка на меѓупродукт на салицилната киселина од производството на боите“, објаснува историчарот на економија Вернер Плумпе.

Бајер се стекнува со нов производствен капацитет во 1895 година, со купувањето на малата компанија за бои „Карл Леверкуз и синовите“ во Виздорф на северот од Келн. Од 1912 година официјалното седиште на фирмата е во Леверкузен.

Bayer AG - Werk in Leverkusen
Фабриката на Бајер АГ во ЛеверкузенФотографија: Reuters

Дури и пред Првата светска војна групацијата Бајер била вистински меѓународен играч со производствени капацитети и ќерки-фирми во многу европски земји, како и Бразил, Аргентина, Кина, Јапонија и САД. Вкупно работната сила ја сочинувале 10.000 работници.

ИГ Фарбен - темен период во историјата на компанијата

Неколку години по Првата светска војна, Бајер ја губи својата независност. Во 1925 година големите германски хемиски компании се спојуваат во „заедница на интереси“ ИГ Фарбен. Најтемното поглавје во историјата на фирмата почнува со доаѓањето на власт во Германија на националсоцијалистите во 1933 година. Целата хемиска бранша потпаѓа под фатално влијание на политиките на нацистите. ИГ Фарбен учествувала во производството на смртоносниот гас Циклон Б, со кој нацистите убиле милиони луѓе.

„Најдраматичен случај со сигурност е фабриката на ИГ Фарбен во Аушвиц, која била направена под притисок на националсоцијалистите“, вели Плумпе. Менаџментот немал ништо против што принудни работници доаѓаат од логорот. „Тука тие можеле да видат дека повеќе не постојат морални бариери“, додава експертот.

Bayer Leverkusen Riesen Aspirin-Packung 1999
Бајер е светски позната компанијаФотографија: Bayer AG

ИГ Фарбен е уништена по Втората светска војна, а менаџментот е тужен во Нирнбершкиот процес.

Глобален концерн со три столбови

Бајер е повторно основан во 1951 година и ја продолжува успешната приказна. Во 1994 година успева да го врати името на фирмата во САД, кое компанијата го загубила по Првата светска војна, со што таа повторно може да настапува на американскиот пазар со својот познат симбол – крстот на Бајер.

Таму во 2001 година се случи и скандал со лекот Липобај за намалување на мастите во крвта. Од него починаа бројни пациенти, по што беше разгледувана можноста за излез од фармацевтската дејност.

Денес речиси 50 проценти од продажбите се токму во таа дејност. Втор сегмент на бизнисот е заштитата на семињата и растенијата. Третиот столб на бизнисот се „високо квалитетните пластики“ кои се користат во автомобилската, електронската и градежната индустрија. Со околу 110.000 работници ширум светот и околу 40 милијарди евра промет Бајер АГ е водечки германски фармацевтски и хемиски производител.