1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од 1 јули ембарго за иранската нафта во ЕУ

23 јануари 2012

Во спорот околу иранската атомска програма земјите-членки на Европската унија денеска донесоа одлука да воведат ембарго за извозот на иранска нафта. Техеран пак ја повтори заканата за затворање на Ормускиот теснец.

https://p.dw.com/p/13oR2
Фотографија: AP

Европската унија масивно го зголеми притисокот врз владата во Техеран во спорот околу нејзината атомска програма. Одлуката за најновите заострени санкции против властите во Техерен официјално ја усвоија министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел.

„Пакет санкции без преседан“

Според неа од 1 јули во сите 27- земји членки на Унијата стапува во сила ембарго за увоз на иранска нафта. Претходно склучените договори за испорака на иранска нафта дотогаш имаат рок да бидат реализирани. Истотака во иднина не се дозволени ниту инвестиции во нафтените компании во Иран. Покрај тоа замрзнати се и финансиските средства со кои располага Иранската централна банка во Европа.

Iran Öl Öl-Embargo Sanktionen Nationale iranische Ölgesellschaft
Фотографија: picture-alliance/dpa

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг денеска усвоените казнени мерки за Иран ги оцени како „пакет санкции без преседан“.

„Според мене тоа ја покажува одлучноста на ЕУ за тоа прашање“, наведе Хејг.

И навистина ова се најостри санкции на ЕУ спрема Иран во седум години. Тие имаат за цел раководството во Техеран да го придвижат кон запирање на спорната атомска програма и да ги принудат на нови преговори. Имено речиси една петтина од иранскиот извоз на нафта досега оддеше во земјите од ЕУ. Иран речиси две третини од неговите девизни приходи ги остварува од извозот на нафта и природен гас. Од друга страна европските земји како Шпанија, Италија и пред се’ Грција досега беа практично зависни од иранската нафта која ја купуваа по поволни услови.

Иран ги повторува заканите

Економски експерти сметаат дека воведеното ембарго од страна на ЕУ ќе претставува силен удар за Иран каде живеат околу 75 милиони луѓе и чија економија во моментов се соочува со сериозни тешкотии.

Високи ирански претставници денеска ја повторија заканата дека Исламската република ќе го блокира Ормускиот теснец, кој е најважната морска сообраќајница за извозот на нафта од земјите од Персискиот залив, доколку новите санкции го блокираат неговиот извоз на нафта. Првата ваква закана иранските власти ја изнесоа од пред околу еден месец. Таа предизвика моментален висок скок на цената на нафтата на светските пазари.

„Доколку се случи каков било пречка за продажбата на иранската нафта, Ормускиот теснец дефинитивно ќе биде затворен“, изјави денеска за новинската агенција Фарс, Мохамад Косари заменикот претседател на парламентарната комисија за надворешни работи и безбедност на иранскиот парламент.

Автор: СН/ ртр/ дпа/ миа/ афп

Редактор: Александра Трајковска