1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Окта загадува, спасот чини илјадници евра

21 мај 2011

Окта е загадувач на почвата и површинските води во нејзината околина, потврди неодамна студија што ја подготвија група словенечки еколошки инспектори. Истражувањето го потврди тоа што околните жители со години го знаеја.

https://p.dw.com/p/111kZ
Окта
ОктаФотографија: Petr Stojanovski

Загадувањето што го предизвикува скопската рафинерија е историско, е генералната оценка содржана во извештајот што словенечките еколошки експерти по една година истражување го доставија до надлежните во Македонија. Студијата покажува дека „Окта“ испушта големи количества сулфур диоксид и покрај технолошката модернизација. Во извештајот се објаснети во детали сите облици на контаминација што ги предизвикува три децении старата рафинерија.

Истражувањето го потврди тоа што околните жители со години го знаеја и се жалеа поради тоа. Почвата кај селото Бујковци е сериозно загадена, а во примероците од површинската вода на Сува Река, во која се слеваат отпадните води на рафинеријата, е најдено помало количество од штетните нус-производи на нафтата, објаснува за Дојче Веле министерот за животна средина Неџати Јакупи.

„Иако со модернизација на технолошкиот процес за добивање елементарен сулфур, емисиите на сулфур диоксид се намалени за четири пати, сепак големи количества се емитуваат во воздухот, бидејќи понекогаш се произведува средно горивно масло, што содржи повеќе од еден процент сулфур“, стои во анализата.

Okta-Raffinerie in Mazedonien
Фотографија: AP

Истражувањето почна лани во февруари, по многубројните протести и поплаки од локалните жители дека лоша миризба се шири во воздухот, родот по нивите им се суши, а тие се постојано болни. Окта во повеќе наврати добиваше казни како загадувач на животната средина.

Заклучоците во студијата немаат обврзувачки карактер, туку се патоказ за надлежните како да се заштити животната средина од загадувањето на Окта. Според пресметките на стручњаците, околу половина милион евра се потребни за санација на водите, а за ископ на почвата која е загадена со нафтени деривати постапката би чинела од 150 до 250 евра за тон. Од рафинеријата вообичаено не ги коментираат информациите за загадувањето на околината што го предизвикуваат.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска