1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оланд го совлада Саркози во првиот изборен круг

Андреас Нол / Александар Методијев23 април 2012

Социјалистот Франсоа Оланд, како и што се очекуваше, е победник во првиот круг од претседателските избори во Франција. Место на насловните страници си обезбеди и популистичкиот Народен фронт со својот резултат.

https://p.dw.com/p/14jMB
Франсоа ОландФотографија: dapd

Дека Франсоа Оланд е фаворит за Елисејската палата стана јасно уште кога на пладне почнаа да се објавуваат резултатите од прекуокеанските француски територии, каде жителите можеа да гласаат во саботата.

Со 29 проценти од гласовите кандидатот на социјалистите собра повеќе гласови отколку актуелниот претседател Никола Саркози, за кого гласаа 27,1 процент од избирачите.

Експертот Хенрик Утерведе од Германско-францускиот институт во Лудвигсбург е сигурен дека ако Франсоа Оланд не направи некои поголеми грешки, тогаш ќе биде избран на 6-ти мај за наследник на Никола Саркози.

„Мора уште многу работи да се случат за Никола Саркози да ја стаса оваа предност. За мене Франсоа Оланд сосема јасно е фаворит“, вели Утерведе.

Французите гласаа против моделот на Саркози

Оланд во изборната битка го постигна резултатот пред се’ како против-модел на поларизираниот актуелен претседател. Утерведе смета дека Французите во неделата навистина гласаа Саркози да замине од функцијата.

Präsidentschaftswahlen Frankreich 2012 Nicolas Sarkozy
Никола СаркозиФотографија: Reuters

„Тој е претседател кој на крајот нервира многу, многу луѓе. Тој е претседател кој не успеа да исполни многу од неговите грандиозни ветувања од пред пет години“, вели Утерведе.

Франција на крајот на петгодишниот мандат на Саркози се соочува со бројни предизвици. Невработеноста достигна десет проценти и е највисока во последните 20 години, а државниот долг експлодираше и надворешно-трговскиот дефицит е на рекордно ниво. Но, и следните пет години би требале да бидат тешки.

„Изборот не е страсна посветеност за Оланд“, вели експертот Утерведе додавајќи дека Французите во него гледаат подобар менаџер со кризи отколку во Саркози. Но, поддржувачите на Саркози не ја губат надежта и се надеваат дека нешто може да се поправи во телевизискиот дуел со неговиот противник.

Изненадувачки силната Марин Ле Пен

Додека се очекуваше фаворитот Оланд да мине како прв на целната линија, изненадување пред се’ е успехот на десно-екстремниот Национален фронт. Со 18 проценти Марин Ле Пен, ќерката на основачот Жан-Мари Ле Пен, при првото учество на претседателски избори, го постигна надобриот успех во историјата на партијата. Експертот Утерведе оценува дека ова покажува оти екстремно-десничарската идеологија е широко распространета.

Präsidentschaftswahlen Frankreich 2012 Marine Le Pen
Марин Ле ПенФотографија: dapd

Паралелно со успехот на популистите на десната страна и нивните противници од левата страна можат да забележат изборен успех, иако помал од очекуваниот. За Жан-Лик Меланшон од левиот фронт гласаа нешто повеќе од 11 проценти од избирачите, кој во 2005-та година беше предводник на успешната кампања „НЕ за договорот за европски устав“. И во претседателската кампања тој се држеше за антиевропскиот курс.