1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оланд се сопна на „Маседони“

БГ/миа29 јули 2013

Дописникот на МИА од Париз пишува дека лапсусот на францускиот претседател со името на Македонија станало тема во тамошниот печат и на интернет-форумите

https://p.dw.com/p/19FiF
Фотографија: Reuters

Во Франција не стивнуваат реакциите, како во опозицијатата, така и на социјалните мрежи, откако претседателот Франсоа Оланд погрешно го изговори името на Македонија. Францускиот претседател на заедничката конференција за печатот со Борут Пахор во Брдо кај Крањ, одговарајќи на новинарско прашање за неговата подготвеноста да помогне во решавањето на проблемот со името, следејќи го преведувачот, наместо „Маседуан“, како што правилно треба да се изговори на француски јазик Македонија, рече „Маседони“.

„За поранешната југословенска република „Маседони“, потсетувам дека Франција е подготвена да бара решение преку квалитетот на односите кои ги имаме со Грција“, изјави Оланд без да ја исправи грешката. Во бројните реакции на печатот по овај претседателски лапсус најчесто читаме: „Франсоа Оланд измисли нова земја - Маседони“. Француските медиуми се прашуваат дали Оланд ја познава географијата, бидејќи ова е негов трет дипломатски ласпус за само два месеци. Претходно во Јапонија во присуство на јапонскиот премиер Шинзо Абе, Оланд го помеша јапонскиот народ со кинескиот, каде беше исправен од преведувачката,додека на конференцијата со новинарите во Тунис, Оланд го помеша Тунис со Египет.

Лапсусот на Оланд со името на Македонија, дозволи за ова да се пишува во француските медиуми и посебно на интернет форумите, каде има повеќе стотици коментари во кои се потсетува на долгогодишниот спор околу името со Грција. Оваа „јазична“ грешка на Оланд не остана незабележена, имено француската јавност не им простува ништо на своите политичари. Останува да се сочека, дали овие реакции на социјалните мрежи и печатот, ќе го инспирираат претседателот Франсоа Оланд да се ангажира околу изнаоѓањето на решение за прашањето со името и деблокирањето на евроинтегративните процеси на Македонија.