1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олимпискиот факел тргна кон Пекинг

24 март 2008

Во древната Олимпија во Грција денеска беше запален Олимпискиот факел пред игрите кои ќе започнат во Пекинг по четириипол месеци. Претседателот на МОК Жак Рог ги отфрли повиците за бојкот на Олимписките игри во Кина

https://p.dw.com/p/DTa7
Олимпискиот пламен ќе помине низ пет континентиФотографија: picture-alliance/ dpa

И покрај силните безбедносни мерки, тројца демонстранти од организацијата Репортери без граници се погрижија за скандал. Триото, во него и шефот на организацијата, Роберт Менард, и еден Тибетанец, среде говорот на кинескиот претставник се втурнаа со пароли против кинеската власт и барајќи бојкот на Олимписките игри поради насилството на Кина во Тибет. Тие беа одведени од чуварите на редот.

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Жак Рог во својот говор изјави дека одлуката Олимписките игри да се одржат во Кина ја смета за исправна од две причини. Прво, поради тоа што со тоа на една петтина од светското население му се отвора идејата за олимпизмот и второ, што Кина во периодот пред отворањето на игрите е ставена под лупа на медиумите.

„Изразувам надеж дека симболот, олимпискиот факел, ќе биде признат од секого и дека ќе биде пречекан правилно секаде каде ќе помине, во соодветни услови. Олимпискиот пламен и Олимписките игри мора да се одвиваат во мирно опкружување. Факелот е поврзница меѓу спортистите и населението во светот, “изјави Жак Рог, претходно отфрлувајќи ги повиците за бојкот на Олимписките игри во Пекинг.

Факелот на пат низ пет континенти

Олимпискиот пламен до 30 март ќе биде носен низ Грција, на 31 ќе биде пренесен во Пекинг, од каде ќе го продолжи патот наречен пат на хармонијата низ пет континенти, низ 20 земји, а меѓу другото и низ кинеската провинција Тибет.

Бројни тибетантски активисти најавија протести поради насилствата кои кинеската власт ги врши врз демонстрантите во нивната земја. Кина пак и натаму врши задушување на протестите низ насилни акции и преку медиумска пропаганда.