1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олимпијада: петти златен медал за Германија

20 август 2004
https://p.dw.com/p/AemO

На седмиот ден од олимпијадата во Атина петти златен медал за Германија: го освои Ана Догонадзе во гимнастика. Маркус Бекер и Штефан Хенце освоија сребрен медал во кајак-двосед. За сребро се избори и стрелецот Кристијан Луш во малокалибарска пушка лежечки став. Мечувалките го обезбедија среброто во екипните натпревари во дисциплината меч: Бокел, Хајдеман и Дуплицер во финалето се среќаваат со тимот на Русија, кој го брани златниот медал од Сиднеј.

Германските ракометари го доживеаја првиот пораз на олимпијадата – од Унгарија со 30 спрема 29. Тоа сепак не го загрозува пласманот во четрвтфиналето.

Прифатен е протестот на Франција, Велика Британија и САД во однос на златните медали на Германија во коњички спорт – повеќебој екипно и на Бетина Хој поединечно, за наводна повреда на правилата. Нивната победа беше поништена непосредно по натпреварите, па потоа беше уважен протестот на раководството на германскиот олимписки тим. Конечното решение за овој спорен случај се очекува утре (сабота).

На Грција и‘ се заканува нов допинг-скандал: кај Леонидас Сампанис, освојувач на бронзен медал во кревање тегови, се утврдени зголемени вредности на тестостерон. Ако ова го потврди и таканаречената Бе-проба, на Сампанис ќе му биде одземен медалот. Како што е познато, спринтерите Костас Кентерас и Екатерини Тану се откажаа од настап на олимпијадата откако претходно не одговорија на повик за антидопинг-контрола.