1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Оли Кан се збогува со активниот фудбал

3 септември 2008

По 21 година минати меѓу стативите, голманот Оли Кан се збогува со зелениот терен. Во Минхен го одигра последниот од многуте натпревари со неговиот Баерн и германската фудбалска репрезентација.

https://p.dw.com/p/FAPZ
Оливер КанФотографија: picture-alliance / dpa

Разделба: во 21-на година како професионален фудбалер Оливер Кан одигра 86 пати за германската репрезентација со која беше и светски вицешампион, 140 пати настапи во натпревари од европските купови, 557 пати во Бундеслигата, осум пати беше првак на Германија со екипата на Баерн, учествуваше во освојувањето на Лигата на шампионите, Купот на УЕФА, Светскиот куп. Прогласуван три пати за голман на годината во светот, Кан е еден од најпопуларните и најуспешни претставници на германскит фудбал на сите времиња.

Тенорото Пол Потс му отпеа на Кан дека е време да се каже збогум, кога во 75-тата минута судијата Маркус Мерк го прекина синоќешниот натпревар меѓу комбинираните тимови на Баерн и на германската репрезентација, за Кан, кој за последен пат застана на голот на Баерн, да се прости од 69-те илјади гледачи на стадионот и милиони пред телевизиските екрани и на 39-годишна возраст засекогаш да го напушти зелениот терен.

„Не знам што треба да кажам. Мислам дека ова беше најголемото што го доживеав во кариерата и тоа како за крај. Можам само да ви се заблагодарам на сите вас за подршката во текот на сите години, за толкуте прекрасни емоционални доживувања заедно со вас, навивачите. Ова денес беше врв за мене и можам само да речам – ја симнувам шапката пред вас. Баерн и во оваа сезона и во наредните години секогаш ќе биде на врвот. Многу ви благодарам“. Со овие зборови Кан го напушти теренот. Резултатот од натпреварот, инаку, е 1 спрема 1, но тоа синоќа беше второстепено.

Тренерот на Баерн Јирген Клинсман, кој како тренер на репрезентацијата на последното светско првенство го деградира Кан во број 2, давајќи му предност на Јенс Леман, оцени дека се повлече еден великан: „Тој е извонреден спортист и фудбалер, еден од оние што со својата кариера му дадоа белег на светскиот фудбал во последните 15-20 години. Тој заслужи еден ваков ’биг бенг‘ , едно вака големо доживување“.

Избрани зборови за Кан кажа и актуелниот селектор на репрезентацијата Јоахим Лев: „Она што импонира е дека тој, иако всушност веќе беше во самиот врв и повеќе пати беше голман на годината во светот, сепак постојано се обидуваше тоа некако уште еднаш да го надмине.Тој имаше кариера во која всушност преку 15 години играше на речиси највисоко ниво. Такво нешто денес веќе не можат да постигнат многумина, ако се види и примерот на Роналдињо, но Оли Кан успеа“