1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

191010 Wulff Türkei Auftakt

19 октомври 2010

Германскиот претседател Кристијан Вулф денеска (19.10.) во обраќањето пред турскиот парламент ја повика Турција на поголема толеранција кон христијаните, за турските мигранти во Германија рече дека се добредојдени.

https://p.dw.com/p/Phfr
Меѓу работните средби, време и за конструктивна пауза - Вулф и ЃулФотографија: picture-alliance/dpa

Германскиот претседател ја почна официјалната посета на Анкара со средби со државниот врв. По неизбежното полагање на венец пред мавзолејот на основачот на турската република Кемал Ататурк, шефот на германската држава водеше разговори во четири очи со својот турски колега, Абдула Ѓул, а потоа и со премиерот Реџеп Таип Ердоан.

По средбата со Ѓул, Вулф изјави дека „разноликоста понекогаш знае да биде и напорна“ и ги повика Турците и Германците да погледнат на она што досега заеднички го оствариле: „Она што не` поврзува е многу посилно, отколку она што не` дели. Дури против она што не` дели заеднички се бориме - на пример против злоупотребата на религиите за политички цели, кои немаат никаква врска со самата вера“, рече Вулф.

Неговиот домаќин, турскиот претседател Абдула Ѓул, пак, предупреди актуелната дебата околу доселениците во Германија да не се инструментализира за политички цели. Според Ѓул, ним им е потребна поголема помош при интеграцијата, на пример во изучувањето на јазикот. „Сега гледаме каде се грешките, направени во минатото“, истакна турскиот претседател.

Вулф: Паушалните оценки се погрешни

Türkei Deutschland Bundespräsident Wulff bei Abdullah Gül in Ankara
Германците и Турците да погледнат на она што заеднички го оствариле, порача ВулфФотографија: picture-alliance/dpa

Иако актуелната дебата околу интеграцијата на муслиманите во Германија е претежно внатрешнополитичка тема, претседателот Вулф ја искористи посетата на Анатолија за да даде јасен политички сигнал. Во интервју за весникот „Хуријет“ тој се спротивстави на изјавите на лидерот на ЦСУ, Хорст Зехофер, кој паушално оцени дека доселениците од Турција и останатите арапски земји тешко се вклопуваат во германското општество. Вулф на ова одговори: „Сметам дека е погрешно мислењето дека цела група мигранти нема волја за интеграција. Се спротивставувам на секоја паушална оценка. Се` зависи од поединецот. Државата и општеството мора да пружат можности за интеграција. За возврат, пак, секој поединец треба да ја прифати таа можност.“

И по прашањето околу полноправното членство на Турција во ЕУ, за што се залага Анкара, германскиот претседател Кристијан Вулф се држи на дистанца. Тој ги нагласи предностите што би произлегле од членството на Турција и уште еднаш пледираше исходот од преговорите да остане отворен.

Германија признава дека има проблем со исламот

Türkei Deutschland Bundespräsident Wulff bei Abdullah Gül in Ankara
Највисоки почести за гостинот од ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Иако темата околу интеграцијата на Турците во Германија изминативе недели не беше толку актуелна во Турција, таа денеска првпат опширно беше третирана од тамошните медиуми. Колумнистот од либералниот весник „Милијет“, Семих Идиз, истакнува:

„Денес Германија признава дека има проблеми со интеграцијата на исламот во општеството. Тоа е денес реалноста во Европа. Да се признае тоа не е сосема безначајно. Како што е познато, и на Турција и` требаше долго време за да признае дека Курдите се реалност. Најважно е што ќе биде сега следниот чекор. Што ќе стори Германија?“

Предлогот на Идиз е интензивирање на контактите меѓу Берлин и Анкара, токму по ова прашање. Според новинарот, тоа може да почне со актуелната посета на германскиот претседател.

Автор: Улрих Пик / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска