1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Онлајн спасување на музичката индустрија

30 јануари 2010

Дали глобалната информациска мрежа- интернeт од „убиец“ полека се претвора во спасител на музичката индустрија? Ова прашање доминираше на најголемиот саем на музичката индустрија МИДЕМ во францускиот град Кан.

https://p.dw.com/p/Lj1M
Онлајн продавници за музички изданија никнуваат речиси секој ден.Фотографија: AP

Во осудесетите години голема револуција во музичката индустрија направија видео спотовите. Музиката во таа деценија повеќе не само што се слушаше туку и се гледаше. Иако и до денес можаат да се чујат критики на втемелувачите на „музиката што се гледа“ , никој не може да оспори дека видео спотовите создадоа нов пазар, нови работни места и далеку поголема промоција на музичките изданија.

Значаен профит преку онлајн продажба

Во деведесетите години „се случи“ интернетот, точно во момент кога на сите им стана јасно дека телевизијата му зададе тежок удар на дотогаш најголемиот промотер на музички хитови- радиото. Набргу потоа дојде она од што многумина стравуваа, интернетот стана „убиец “ на музичката индустрија пред се’ поради можноста за бесплатна размена и даунлодирање на музика. Но, од година во година тоа полека се менува и сосема извесно интернетот презема се’ посериозна улога во музичката индустрија. Музиката станува попристапна. Онлајн продавници за музички изданија никнуваат речиси секој ден. Глобалната информациска мрежа полека станува спасител на музичката индустрија. Аудио и видео стримингот носат се’ повеќе пари.

MIDEM 2010 - Diskussion
Дискусија на МИДЕМ за улогата на интернетот во иднината на музичката индустријаФотографија: Midem

„Луѓето сакаат да бидат мобилни затоа и прават плејлисти и користат сајтови кои им оозможуваат да ги споделат музичките интереси со пријателите. Ние веќе имаме 100 милиони листи со песни кои ги направиле нашите корисници“, вели Даниел Ек од порталот Спотифај, кој во жешката дискусија на најголемиот саем на музичката индустрија МИДЕМ што се одржа во Кан од 24 до 27 јануари беше застапник на тезата дека музичката индустрија може да смета на значаен профит преку интернет.

Интернетот повеќе не може да се игнорира

Многумина и натаму се загрижени поради пиратеријата на интернет, но последните деловни модели во кои популарните како и анонимните музичари прво ги промовираат, а потоа и ги продаваат своите дела преку интернет ги демантираат ваквите стравувања. Роби Вилијамс е само една од популарните музички ѕвезди кои засилено ги користат потенцијалите на интернет за промоција, но и за продажба на своите музички дела.

Никој повеќе не може да негира дека бројот на музички изданија продадени онлајн константно расте и тоа во процент што ги надминува сите очекувања. На годинешниот МИДЕМ значи доминираше пораката дека оние кои се’ уште му се спротиставуваат на интернет длабоко грешат.

Автор: Небојша Јаковљевиќ/Симе Недевски

Редактор: Горан Чутаноски