1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН бараат објаснување од САД за шпионирањето

ЖА/шпигел/дпа/макфакс27 август 2013

Американската тајна служба НСА ги прислушувала и ОН, објави „Шпигел“. Сега Светската организација бара образложение од американската влада во врска со шпионирањето.

https://p.dw.com/p/19WUi
Фотографија: picture alliance/Photoshot

Обединетите нации синоќа (26.08) порачаа дека ќе побараат од САД појаснување за извештаите дека американската разузнавачка агенција Агенција за национална безбедност НСА го прислушувала седиштето на Светската организација и предупредија дека од Вашингтон се очекува да ја почитува дипломатската неповредливост на ОН.

Повикувајќи се на тајните американски документи, коишто ги собрал поранешниот консултант на НСА Едвард Сноуден, германскиот весник „Шпигел“ во неделата во онлајн-изданието објави дека САД во 2012 година успеале да се вклучат во интерниот видео систем на Обединетите нации.

„Свесни сме за тие извештаи и имаме намера да ги контактираме во врска со тоа надлежните власти“, изјави портпаролот на ОН, Фархан Хак.

Шпионирањето на седиштето на ОН било особено интензивно во летото 2012 година, кога биле следени видеоконференциите во Светската организација. Според весникот, со тоа бил прекршен договорот меѓу САД и ОН со кој се забрануваат такви тајни манипулации.

Според германскиот весник, НСА ги шпионирала и седиштата на Европската унија и Меѓународната агенција за атомска енергија ИАЕА во Виена.

Претходно претставник на службата за односи со јавноста на шефицата на европската дипломатија, Кетрин Ештон, соопшти дека надворешнополитичката служба на ЕУ ќе ги проучи информациите во медиумите за можното прислушување од страна на американската НСА на канцелариите на високите функционери на унијата.

На почетокот на јули повеќе медиуми, исто така базирајќи се на документите од Сноуден, пишуваа дека Американците ги следеле комуникациите на повеќе дипломатски мисии на ЕУ и повеќето европски сојузници на САД.