1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН за итно заминување на јеменскиот претседател

22 октомври 2011

Советот за безбедност на ОН синоќа усвои резолуција во која јеменскиот претседател Али Абдулах Салех се повикува веднаш да потпише договор за заминување од власт.

https://p.dw.com/p/12wt9
Салех треба да ја напушти функцијатаФотографија: AP

Едногласно усвоената резолуција „остро ги осудува смртоносните владини напади врз демонстрантите и го поддржува мировниот план на Советот за заливска соработка, по кој Салех ќе го заврши своето 33-годишно управување со земјата“.

Ова е прва резолуција за Јемен од почетокот на масовните протести во јануари годинава, во кои загинаа неколку стотици луѓе.

Совет за безбедност го повика Салех да го одржи ветувањето и веднаш да го потпише договорот за мирно предавање на власта, „без одложување“ и да го прекине насилството во земјата.

Салех претходно изјави дека се согласува со планот на шесте заливски земји, но одби да го потпише и да спроведе било која точка од овој документ.

Со синоќешната резолуција остро се осудува постојаното кршење на човековите права од страна на јеменските власти, како што е прекумерната употреба на сила против мирните демонстранти. Изразена е и сериозна загриженост поради влошувањето на безбедносната ситуација и влошувањето на економската и хуманитарната ситуација во Јемен поради „недостаток на напредок во политичкото решение и можно ескалирање на насилството“.

Мнозинството граѓани на Јемен го обвинуваат Салех дека ја турка земјата во граѓанска војна.

САД веднаш реагираа по донесувањето на резолуцијата на СБ на ОН, настојувајќи Салех „итно“ да се повлече од функцијата.

„Меѓународната заедница испрати јасна и единствена порака“, изјави портпаролот на Стејт департментот Марк Тоунер, оценувајчи на оваа резолуција како „важна етапа“ кон решавањето на кризата во Јемен.

Автор: ЖА/СН/миа

Редактор: Симе Недевски