1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН не го одредува форматот на разговори за името

Катерина Блажевска5 август 2013

Двете резолуции на ОН од 1993 година не утврдуваат кој ќе преговара во име на двете страни, туку само дека ќе се преговара, укажуваат експертите по илинденскиот говор на македонскиот премиер Никола Груевски.

https://p.dw.com/p/19JiC
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

Дојде ли време да се сврти нов лист во разговорите со Грција за надминување на разликите за името? Прашањето го наметна македонскиот премиер во илинденскиот говор, укажувајќи на ќорсокакот во кој со години се западнати преговорите. Тој повтори дека Грција е таа што одбегнува да разговара, во што треба да се увери и меѓународната заедница.

„Со цел да се забрза процесот на разговори и апел за поголем фокус кон ова прашање на сите засегнати страни, размислувам да се обратам до ООН за промена на форматот на разговорите, со што би се следел примерот на Србија и Косово, разговори во кои покрај медијаторот би учествувале и сите ние директно, со свои тимови и експерти од нашата земја“, најави Груевски.

Mazedonien - Ministerpräsident Nikola Gruevsk
Никола Груевски побара нов формат на разговорите со ГрцијаФотографија: MIA

Каде е извештајот на Генералниот секретар?

Аналитичарите кои го следат процесот меѓу Скопје и Атина, внимателно ја анализираат оваа иницијатива. Според Стево Пендаровски, идејата за обраќање до ОН за да се смени форматот на преговорите е 'губење време'.

„Двете резолуции на ОН од 1993 година не утврдуваат кој ќе преговара во име на двете страни, туку само дека ќе се преговара и дека Генералниот секретар е должен да го информира Советот за безбедност за нивниот тек. Мислам дека за Скопје и Атина многу попродуктивно би било наместо да бараат промена на форматот, да му одговорат на медијаторот Нимиц што мислат за неговиот последен предлог“, сугерира Пендаровски.

Амбасадорот Димитар Мирчев, во најавата на премиерот гледа засилување на активностите за решавање на проблемот. Тој се согласува дека форматот на разговори не зависи од ОН и смета дека треба да се бара одговор на две прашања.

„Прво, зошто од Генералниот секретар на ОН досега не е доставен ниту еден извештај до Советот за безбедност за текот на разговорите, што е негова обврска? Второ, што се случува со принципот на самоидентификација на народите, вграден во Повелбата на ОН, принцип, кој е оспорен во случајот со Македонија преку проблемот со името“, прашува амбасадорот.

Dimitar Mircev, Universitätsprofessor und Ex-Diplomat aus Mazedonien
Димитар Мирчев во најавата гледа засилување на активностите за решавање на проблемотФотографија: Petr Stojanovski

ОН не е светска влада

Шефот на грчката дипломатија, говорејќи пред комисијата за надворешна политика, повтори дека нивниот преговарач Адамантиос Василакис „има целосно овластување да учествува конструктивно и со добра волја во контактите, разговорите и дијалогот“, што укажува дека Грција е задоволна од сегашниот формат на разговори.

Поранешниот министер за надворешни работи, Денко Малески, потсетува дека ОН е политичка организација, а не светска влада, па ваквите предлози се многу подложни на вкрстени влијанија, пред се‘ на големите сили.

„Заклучоците на ОН се генерални и велат 'да се надминат разликите околу името'. ОН делегираат медијатор, а се‘ понатаму зависи од волјата на државите. Не е определено на кое ниво ќе се водат разговорите, ниту е забрането тоа да се менува. Сега разговорите се заглавени на најниското ниво. Ако и другата страна се согласи, тие може да се зајакнат. Но, Грција смета дека Македонија е длабоко навлезена во грчката култура, историја и идентитет и се‘ додека го има тој став, тешко е да се поверува дека проблемот може да се реши со директни средби на највисоко ниво. Поради таа позиција, Грција е бескомпромисна во намерата 'да ја врати Македонија на сигурна линија', далеку од антиката и се‘ друго што смета дека и‘ припаѓа на нејзината историја“, објаснува Малески.

Имајќи предвид дека Самарас категорично го одби предлогот на Груевски за формирање преговарачки тимови предводени од премиерите, кај експертите нема оптимизам дека новиот македонски предлог ќе биде прифатен од Атина.

Д-р Малинка Ристевска - Јорданова, директор на Институтот за европска политика во Скопје, вели дека изјавата на премиерот Груевски е наменета повеќе за домашна употреба, отколку за надворешна.

„Владата има потреба да покажува активност во спорот за името, особено сега кога се очекува негативен извештај од Европската комисија. Факт е дека од грчка страна нема доволно волја за решавање на спорот, а грчките претставници покажуваат арогантност во однос на проблемот со името. Но, сега Грција е во посилна позиција, која за жал, во голема мера ја овозможи токму политиката на македонската Влада - особено со антиквизацијата и ретроградните политички процеси. Од друга страна, повторното префрлање на фокусот на спорот од ЕУ во ОН, е признание дека обидот во рамките на Унијата е пропаднат“, оценува таа.

Mazedonien Denko Maleski Ehemaliger Außenminister
Денко Малески: Опасно е несфаќањето на демократијата во плурализмотФотографија: privat

Нов контингент „внатрешни непријатели“?

Но, она што најсериозно ја загрижи јавноста, е предупредувањето од Груевски до оние кои не се согласуваат со владината политика.

„Секој обид за оспорување на легитимитетот на нашите политики, ставови, позиции и гледишта, момент кој би стимулирал поделби или каков било момент кој засега негативно во суштинските прашања од државен интерес, ќе биде пресретнат во заедничка поткрепа со народот“, порача премиерот.

Според Пендаровски, ваквите ставови се иманентни за еднопартиски системи.

„Зачудува предупредувањето да не се оспорува легитимитетот на владините политики и ставови, што е есенција на демократијата, каде што политичките актери, помеѓу останатите начини, преку оспорување на противничките ставови го засилуваат сопствениот легитимитет. Второ, кога зборува за 'збивање на редовите', за 'обиди за разбивање на кохезијата на македонскиот народ' и за 'заедничко дејствување' на партијата и народот, тоа е реторика целосно преземена од монопартиските системи. Не исклучувам дека станува збор за подготвување на нацијата за пресметка со нови контингенти 'внатрешни' непријатели“, прогнозира Пендаровски.

Според Малески, несфаќањето на демократијата во плурализмот е опасно. „Токму ставањето во позиција 'јас сум интерпретатор на државниот интерес', носи голема опасност да се поделиме меѓу себе“, оценува тој.

Додека македонската јавност добива инструкции за збивање на редовите, грчкиот премиер ги пакува куферите за Вашингтон. И покрај тоа што Самарас го одби предлогот на Груевски за директни преговори за спорот за името, тој во интервјуто за саботното издание на весникот „Та неа“ изјави дека „решението на отворените прашања во надворешната политика не зависи само од Грција, туку и од позициите на инволвираните страни“. Самарас потврди дека на 8 август со американскиот претседател Барак Обама ќе разговара и за спорот за името.

Македонија и натаму останува без соговорник на таа тема.