1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН побрзаа со донесувањето на завршната декларација

22 април 2009

Учесниците на конференцијата против расизам на ОН три дена порано ја изгласаа завршната декларација. Дали со ова ќе се подобри имиџот на Конференцијата, што беше засенета од анти-израелскиот говор на Махмуд Ахмадинеџад?

https://p.dw.com/p/Hbqc
Завршната декларација е најдобар одговор на сите дезинформацииФотографија: picture-alliance/ dpa

Тоа беше чиста уметност на искусно водење на една конференција. Претседавачот на средбата, Амос Вако од Кенија, спомена, речиси попатно, дека завршната декларација е ставена на гласање, почека неколку секунди за да види дали има некој против и на крајот заклучи: „Декларацијата е изгласана.“

UN Hochkommissarin für Menschenrechte Navi Pillay
Наванетем Пилај задоволна од исходотФотографија: AP

Следеше долг аплауз и кај повеќето делегати во Палатата на нациите, вчера (21.04.2009) можеше да се почувствува олеснување поради тоа што имаат в рака општо прифатен завршен документ, иако самата конференција се` уште не е завршена.

И комесарката на ОН за човекови права, Наванетем Пилај, искажа задоволство од изгласаната декларација. „Тоа што едногласно го прифативме завршниот документ е најдобриот одговор на сите дезинформации што се ширеа за време на неговата подготовка“, истакна Пилај. Слична оценка претходно даде и швајцарската министерка за надворешни работи, Мишлен Калми-Реј.

Конфликтот на Блискиот Исток веќе еднаш доминираше на конференцијата на ОН против ксенофобијата и расизмот во Дурбан, Јужноафриканската Република, пред осум години и фрли сенка и на годинашнава конференција во Женева. Голем број држави одлучија да ја бојкотираат средбата.

Многу опоменувачки зборови

Во нацрт-верзијата на завршната декларација беше осудена забраната на некои религии, а Израел повторно беше цел на поединечни критики. По тешки преговори, под умешно руско посредништво, беше постигнат компромис околу завршниот документ, кој вчера беше изгласан од делегатите.

Тој е изјава за намери со многу опоменувачки зборови. Во него владите на земјите се потсетуваат на нивната одговорност да внимаваат на еднаквоста на луѓето, да ги заштитат правата на граѓаните, да се ангажираат против расизмот. Со други зборови: во целост се потсетува на човековите права и нивното значење.

Ban bedauert Absagen bei UN Rassismuskonferenz
Местото на Германија остана непополнетоФотографија: picture-alliance/ dpa

Ова беше потребно, бидејќи состојбата ширум светот, во последниве осум години, забележа влошување, како што изјави и комесарката на ОН за човекови права, Наванетем Пилај. Документот не е правно-обврзувачки, но е јасен знак дека мора да и` се даде поголемо значење на борбата против ксенофобијата и нетолеранцијата и дека во таа борба треба да се поткрепат организациите за човекови права, вели Јули де Риверо од „Хјуман рајтс воч“. „Добро е што ова доаѓа по говорот на Ахмадинеџад“, вели Риверо и додава: „Тој се обиде да го саботира процесот, кој за останатите влади веќе беше доволно долг и макотрпен. Но, сега в раце имаме добар и силен документ, во кој сосема јасно се кажува дека расизмот може да се победи само ако се зацврсти слободата на мислењето“, истакна Риверо.

Иранскиот претседател, Махмуд Ахмадинеџад, со говорот во понеделникот во Женева, насочен против Израел и неговата политика, предизвика бурни негативни реакции ширум светот. Тој, денеска во Техеран, повторно го нападна Израел, нарекувајќи ја неговата влада расистичка, а нападот врз Газа - едно од најлошите злосторства во историјата. Можеби тоа беше една од причините што завршната декларација на Конференцијата беше донесена три дена порано од планираното.

Се` уште останува отворено прашањето дали Германија можеби сепак ќе и` се приклучи на средбата кон нејзиното завршување. И покрај тоа, завршната декларација го има и германскиот благослов, и како што изјавуваат од ОН, Германија ќе се придржува на нејзините одредби, иако самата официјално не беше во Женева.

Автор: Аксел Вајс / Трајче Тосев

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска