1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ОН: Светот станува се‘ „посив“

ЖА/дв/дпа/ртре/макфакс1 октомври 2012

Владите ширум светот мораат подобро да се прилагодат на демографските промени, бараат ОН. На предизвикот од стареење на населението особено треба да се подготват земјите во развој.

https://p.dw.com/p/16IHE
Фотографија: picture-alliance/dpa

Секој десетти човек во светот денес е постар од 60 години. Според новиот извештај на Фондацијата на ОН за населението (UNFPA), објавен денеска (01.10), човештвото старее со многу брзо темпо, и веќе во 2022. година бројот луѓе над 60 години ќе надмине милијарда, а до 2050. година ќе има повеќе постари луѓе отколку деца под 15 години.

Како што се посочува во извештајот, во светот секоја секунда две лица наполнуваат 60 години. Просечниот животен век во развиените земји изнесува 78 години, а во земјите во развој - 68 години. Според прогнозите на експертите, во периодот од 2045. до 2050. година животниот век на светското население ќе се зголеми во просек на 83 години во развиените земји и на 74 години во земјите во развој. Бројот на луѓето на возраст над сто години во 2050. година најверојатно ќе изнесува околу 3,2 милиони. Жените и натаму ќе живеат подолго од мажите. Така, на сто жени на возраст од 60 и повеќе години, доаѓаат 84 мажи нивни врсници. На возраст од сто години, пак, на сто жени доаѓаат само 61 мажи стогодишници. Експертите велат дека досега, само во Јапонија бројот на луѓе постари од 60 години изнесува над 30 отсто од вкупното население. Сепак, до 2050. година тој процент ќе изнесува 64 на светско ниво, додека во Јапонија оваа бројка ќе се зголеми на 41,5 отсто.

Symbolbild Rente/Renteneintrittsalter in der EU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во извештајот се заклучува дека и покрај трендот на стареење на населението, не постои причина да смета дека оваа ситуација е кризна, затоа што постарите луѓе имаат огромен придонес кон општеството. Светските влади треба да го признаат тоа и да развијат политики коишто ќе овозможат ефикасно функционирање на економијата според демографските измени, се вели во извештајот.

Авторите на студијата предупредуваат од сеперација на постарите луѓе. Постои на пример опасност нивните искуства и знаење да не се доволно искористени.

Подолго работење во Европа

ЕК во меѓувреме бара засилено социјално и економско учество на постарите луѓе. Општеството мора безусловно да успее во тоа староста да не значи нужно и зависност, изјави надлежниот комесар Ласло Андор при една посета на Даблин по повод Денот на старите лица. Се работи за тоа да се запази здравјето на постарите луѓе и тие посилно да бидат интегрирани во пазарот на труд. Тоа значи дека работниците во Европа ќе мора да работат подолго.