1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасен пресврт во турската надворешна политика

Ајхан Шимшек/Борис Георгиевски8 октомври 2012

Со напуштањето на политиката на употреба на „мека сила“ и заканите за војна со Сирија, Турција се впушта во опасна зона и ризикува влошени односи со сите соседи.

https://p.dw.com/p/16MBN
Фотографија: AFP/Getty Images

Ескалацијата на кризата во односите со Сирија ја предизвикаа владата на владејачката исламска АКП во Турција да утврди поагресивни позиции во надворешната политика, но со тоа се зголемија и стравувањата од поширок конфликт во регионот.

Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го предупреди Дамаск минатата недела дека Анкара нема да се исплаши од војна доколку не престанат провокациите од Сирија.

„Ние не сакаме војна, но не сме далеку од неа. Како што вели поговорката: Подготвувај се за војна доколку сакаш мир“, порача Ердоган.

Неговото предупредување дојде еден ден откако турскиот парламент одобри воени операции против Сирија, доколку тоа се покаже неопходно.

Во средата, од сириска граната загинаа пет цивили во турскиот пограничен град Акчакале. Оттогаш турската армија возвраќа за секоја граната која ќе падне од сириска територија, иако официјален Дамаск тврди дека се работи за гранати кои по игра на случајот паднале на турска територија.

Анкетите во Турција покажуваат дека мнозинството граѓани не поддржуваат војна со Сирија, а аналитичарите се согласни дека ниту во една ниту во другата земја нема волја за војна. Но пограничните напади остануваат причина за загриженост. Анкара веќе сигнализираше дека размислува за погранични напади врз бунтовниците на Курдската работничка партија.

Tayyip Erdogan
Реџеп Таип ЕрдоганФотографија: picture-alliance/dpa

Но, за многумина, уште позагрижувачки сигнал е очигледниот пресврт во турската надворешна политика. Со агресивниот став кон Сирија, Турција ризикува влошување на односите и со сојузниците на Дамаск, Ирак, Иран и Русија.

Нарушено пријателство

Предупредувањето за војна покажува драстична промена во надворешната политика на АКП, од стратегија на „мека сила“ кон воена закана. Во изминатите 10 години владеење, АКП ја спроведуваше стратегијата на Давутоглу за „нулта проблеми со соседите“. Министерот за надворешни работи изјавуваше дека во неговата стратегија нема простор за „воени закани“, а новата политичка визија вклучуваше дијалог и дипломатија како главни средства за комуникација и регионална соработка.

Токму Сирија беше базата на таа проактивна надворешна политика, преку која Анкара сакаше да развива подлабоки политички, економски и културни врски со земјите од соседството кои некогаш биле дел од Отоманската империја.

До 2011. Турција и Сирија беа главни сојузници, а Давутоглу повеќепати го посети Дамаск, отфрлајќи го притисокот од западните земји. Кога во март минатата година започна кризата во Сирија, Анкара зазема умерен став и се обиде да го убеди Асад да спроведе контролирани реформи. Но одбивањето на реформите и неконтролираната употреба на сила против демонстрантите ги исфрустрираа турските лидери, кои веќе од есента минатата година заземаа далеку поригиден став.

Стравувајќи дека ќе го загуби влијанието во соседството, Турција започна отворено да ги поддржува опозицијата и вооружените бунтовници. Притоа, во обидот да го урне Асад, Анкара ги здружи силите со две други сунитски држави: Саудиска Арабија и Катар. Поради тоа дополнително беа нарушени односите со шиитскиот Иран и со Ирак каде на власт е шиитската коалиција на Малики.

Од „нулта проблеми“ до „нулта пријатели“

Контроверзната политика на Давутоглу, која во меѓувреме доведе до големи тензии и со Израел, сега се соочува со жестоки критики и од интелектуалците кои долго ја поддржуваа политиката на АКП.

Еден од тие либерални интелектуалци, професорот по меѓународни односи Ихсан Даги предупредува дека Турција прави грешки и ризикува не само поширок конфликт со соседите, туку и губење на демократските придобивки од последната декада, внатре во самата земја.

Türkei Außenminister Ahmet Davutoglu
Критики за неговата надворешна политика: Ахмет ДавутоглуФотографија: dapd

„Турција ја тргна на страна меката сила и се обидува да го редизајнира соседството со воена сила. Веќе не сме земја на која и се одушевуваат, туку земја од која другите се плашат. Сторивме грешки, големи грешки“, напиша Даги во колумна за весникот „Заман“.

Давутоглу и неговата политика на „нулта проблеми“ внесоа нов надворешно политички активизам, но не донесоа конкретни и позитивни резултати. Денес, Турција е речиси без пријатели во непосредното опкружување.

Според Даги, Турција и натаму ќе биде растечка сила во светската политика, но неуспесите на турската надворешна политика ја ставаат земјата во тешка позиција да се соочува со непредвидливи закани.

„Иронично, но денес, утопијата на стариот режим во Турција стана реалност. Турција сега е опкружена со непријатели“, вели Даги.