1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасниот грип и во Македонија?

29 јуни 2009

Во Македонија е регистриран првиот високосомнителен случај на смртоносниот грип, А Х1Н1 кај четиригодишно дете дојдено од Австралија. Се чека потврда од лабораторија во Лондон.

https://p.dw.com/p/Id41

Примероци од крвта на момчето, донесено на Инфективната клиника во Скопје од Прилеп со симптоми на грип, се испратени во Лондон, од каде се чекаат резултати од лабораторија.

„Ние го гледаме и го третираме случајот како да е позитивен. И семејството е подложено на терапија“, изјави министерот за здравство Бујар Османи.

Засега состојбата на детето е стабилна. Заедно со својата мајка е задржано на лекување на Инфективната клиника.

„Детето е веќе расположено, симптомите поради кои е примено се во фаза на целосно повлекување“, рече Звонко Миленковиќ, директор на Инфективната клиника.

Будноста останува

Во саботата (27.06.2009) на Инфективната клиника со симптоми на грип бил примен и возрасен маж од Њу Џерси кој дошол на посета во Вевчани. Кај него тестовите биле негативни на новиот вирус.

17.06.2009 DW-TV Fit und gesund Schweinegrippe 1

Според Министерството за здравство на граничните премини и понатаму ќе останат медицински екипи. Нема да се набавуваат дополнителни количини на лекот Тамифлу, засега доволни се 50 илјади кутии, кои пред две недели пристигнаа во Македонија.

Надлежните апелираат македонските граѓаните кои ќе патуваат во странство, доколку имаат симптоми на грип, веднаш да се јават на лекар во земјата во која престојуваат.

Новиот грип А Х1Н1 и понатаму се шири на Балканот. Во Бугарија има 7 случаи, во Грција бројот на заболени се искачи на 88 лица. Во Србија се регистрирани 5 нови случаи, со што бројката во оваа земја се искачи на 10 заразени.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска