1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасни и тишината, и говорот на омраза

Катерина Блажевска10 декември 2012

Во Македонија во однос на говорот на омраза нема ниту една судска пресуда, поради слаба примена на законите, кои ја регулираат оваа материја.

https://p.dw.com/p/16zE5
Фотографија: DW

Постои тенка линија меѓу слободата на изразување и говорот на омраза, кој се’ повеќе го има на спортските натпревари, на социјалните мрежи, но и во говорите на политичарите, а културата на неказнување е широко распространета, оценуваат експертите.

Зборот е навистина моќно оружје, а во Македонија најчесто се користи за колективистички цели, вели Билјана Ванковска, професорка на Филозофскиот факултет на УКИМ.

„Доминантната парола на секоја етничка заедница и нејзините лидери е 'виновна или не, ова е моја заедница, па затоа не ја критикувам'. И тука почнува културата на неказнување, во име на својата група и заради некаков соживот. Имајќи предвид дека говорот на омраза е насочен кон мобилизација на емоциите, а не кон некаква дебата, говорникот и нема потреба да употребува аргументи. Во услови на ниска политичка култура и незалечени рани од минатото, тоа е играње со оган“, вели Ванковска.

И слободата има ограничувања

Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, кој неодамна промовираше „Збирка пресуди и одлуки на Судот во Стразбур“ во врска со говорот на омраза, укажува дека омразата врз национална, расна, верска и други основи создава услови за конфликтност, која може да прерасне во насилство и во општествена дезориентација.

„Токму затоа, во ова време неопходно е македонското општество да го прогласи правото на толеранција и да го стави во редот на основните човекови права“, сугерира академик Камбовски.

Според правосудните експерти, дали нешто ќе се третира како говор на омраза и ќе се квалификува како вербално казниво дело, зависи од конкретната оцена за балансот на вредности.

Mirjana Lazarova Trajkovska - Richterin am Europäischen Menschenrechtsgerichtshof in Straßburg
Мирјана Лазарова- ТрајковскаФотографија: DW / Toni Glamcevski

„Слободата на изразување е издигната на највисок степен, но не е неограничена. Тоа што Македонија нема предмет за говор на омраза пред Судот во Стразбур, не значи дека македонските судии не се обврзани да ги користат европските искуства“, потсетува Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Европскиот суд за човекови права.

Во Македонија има слаба примена на законите кои ја регулираат оваа материја, а во однос на говорот на омраза нема ниту една судска пресуда. Според Камбовски, тоа е резултат на ниското ниво на култура на толеранција и создадената тензичност во сферата на политичките односи. „Тоа ги инхибира судовите или државните органи да постапуваат во примената на законите, со образложение дека е подобро на таквите појави да не им се дава значење, отколку да разбрануваат нови нетрпеливости“, смета тој.
 

„Тишина на омразата“

Постапката не е едноставна. Правната регулација и санкционирање на говорот на омраза е меч со две острици, смета Ванковска.

„Од една страна, може ефикасно да се сузбие стигматизирањето, но од друга тоа може да доведе до самоцензура или како што ја нарекуваат ’тишина на омразата’, која тлее со години пред да доживее изблик на нов бран несимболичко насилство. Тоа беше случај во поранешна Југославија, кога постоеше висок степен на политичка коректност, која не дозволуваше да се види вистинската состојба. Денес е обратно. Кога контролата на јавната реч на социјалните мрежи, на пример, е речиси невозможна и може се’ да се објави, жртва на ваквата слобода се вистината и фактите“, објаснува Ванковска.

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht Gebäude
СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Како да се надмине проблемот?  „Не верувам дека може да се надмине со закон“, вели Роберто Беличанец, претседател на Македонскиот центар за развој на медиуми.

„Тоа е проблем на политичка култура. Но, како што се урива новинарството, нема кој да го маркира, тој станува медиумски легитимиран и главен дискурс во јавноста. Неговите ефекти се кумулативни и остануваат долго присутни дури и ако говорот на омраза исчезне. Отсуството на политичка волја покажува дека некој си игра со оваа ситуација, го користи за дневно-политичка употреба и мисли дека го контролира, се додека ситуацијата не ескалира. Но, тогаш ќе биде доцна“, предупредува Беличанец.