1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасноста од Ал Каеда останува и по убиството на Бин Ладен

Гинтер Биркеншток/ Борис Георгиевски2 мај 2013

Во мај 2011 година американските војници го убија лидерот на Ал Каеда, Осама Бин Ладен. Терористичката мрежа Ал Каеда по неговото убиство е заслабната, но се’ уште претставува опасност.

https://p.dw.com/p/18QDu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во 2001. светот го обиколија сликите на урнатиот Светски трговски центар во Њујорк. Убиени беа околу три илјади луѓе, откако 19 припадници на терористичката мрежа Ал Каеда киднапираа, а потоа и насочија авиони кон Њујорк и Вашингтон.

САД потоа тргнаа во војна против тероризмот. Армијата и тајните служби ловеа организатори и помагачи на дотогаш најголемиот терористички напад. Се трагаше пред се’ по Осама Бин Ладен, основачот на Ал Каеда. Речиси десет години подоцна американскиот претседател Барак Обама соопшти: „САД изведоа операција во која е убиен Осама Бин Ладен, лидерот на Ал Каеда“.

Нова форма

Но, Ал Каеда се’ уште постои иако не во истиот облик како во 2001. „Ал Каеда е активна во сите северноафрикански земји, некаде повеќе, некаде помалку. И многу се мобилни. Постои цврсто вкоренета група во Мали, а има доста членови и во Алжир и во Либија“, вели Јасин Мушарбаш, политиколог и експерт за Ал Каеда. Таа група е собрана околу наследникот на Бин Ладен, Ајман Ал Завахири и голем број нејзини припадници се наоѓаат на пакистанско-авганистанската граница.

„Денес Ал Каеда има нов водач. Тоа е Египќанецот Ал Завахири. Никој не знае каде се наоѓа тој. Поаѓам од тоа дека е сокриен во Пакистан, но не во главната команда“, вели Гидо Штајнберг од германската Фондација за наука и политика во Берлин.

Aiman al-Sawahiri
Ајман Ал ЗавахириФотографија: dapd

Овој експерт за ислам смета дека Ал Каеда од смртта на Бин Ладен е значително заслабната. Организацијата повеќе нема харизматичен лидер бидејќи Завахири во рамките на групата секогаш бил спорен. „Сепак, Завахири и неговите следбеници се наоѓаат на чело на терористичка мрежа, шират видео-пораки на Ал Каеда, со што на следбениците им го покажуваат правецот“, вели Јасин Мушарбаш.

Поддршка од различни движења

Покрај официјалното јадро на Ал Каеда, во светот постојат и движења кои се блиски до терористичката мрежа, вели Мушарбаш и наведува дека тие можат да се најдат во Ирак и во северна Африка. Покрај тоа, една од организациите блиски на Ал Каеда е и Шабаб милицијата во Сомалија.

Слична е состојбата и во Сирија. Таму разни бунтовнички групи се борат против режимот на претседателот Башар Ал Асад. Најзначајна џихадистичка борбена група во таа земја во моментов е Фронтот Џабат ал Нусра. Овој фронт би можел да се обиде да создаде некој вид емират, и да го нападне Израел, предвидува Мушарбаш.

Експертите не се согласни во оценката за тоа колку членови има Ал Каеда. Мушарбаш смета дека бројката во светски рамки не надминува 10 илјади. Тој проценува дека има околу 5 илјади луѓе активен кадар, и значителен број помагачи.

Во западните земји, благодарение на успесите на американската борба против тероризмот, опадна бројот на напади на Ал Каеда. Повеќето лидери на мрежата беа убиени во целни напади на американските беспилотни летала. Затоа, вели Мушарбаш, се смета дека опасноста која се заканува од Ал Каеда е задушена, иако реалноста покажува нешто друго.

Pakistan 3 Bin Laden Witwen verurteilt Haus in Islamabad
Куќата во Пакистан во која се криеше Бин ЛаденФотографија: dapd

„Ал Каеда во арапскиот свет е сто пати поактивна отколку надвор од него. Постојат истражувања кои покажаа дека таа организација осум пати повеќе убива муслимани, отколку други луѓе“. Терористичката мрежа во рамките на бројните востанија во арапскиот свет, доживува некој вид „нова пролет“. „Затоа таа група не смее да се потцени“, нагласува Мушарбаш.