1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опасно зголемена радиоактивност во Фукушима

Александар Методијев/афп/миа1 септември 2013

За 18 пати е зголемено истекувањето на радиоактивност од еден резервоар со високо контаминирана вода во затворената јапонска нуклеарна централа Фукушима, соопшти денеска операторот на таа електрана, Токио електрик пауер.

https://p.dw.com/p/19ZlF
Фотографија: Reuters/Kyodo

Радијацијата од 1.800 милисверти на час е доволна за три часа да усмрти лица изложени на неа. Таа била детектирана вчера, на дното на складишниот контејнер, наведе Токио електроник пауер (ТЕПКО). Портпаролот на компанијата рече и дека е откриено ново истекување од цевка, која поврзува други два резервоара.

Радијацијата е за 18 пати поголема во однос на онаа што била измерена на 22 август. Компанијата ТЕПКО информираше дека работниците биле заштитени од оваа радијација со работната облека што ја користат.

ТЕПКО долго време се обидува да се справи со големите количества вода, кои се користат за ладење на реакторите, кои беа затворени по земјотресот и цунамито во 2011 година. Владата вети дека ќе се вклучи во расчистувањето на нуклеарната централа, откако напорите на ТЕПКО наидоа на жестоки критики во јавноста.

Минатата недела операторот со централата призна дека 300 тони токсична вода истекле од еден голем резервоар, кој е само еден од 1.000 такви во нуклеарката, пред некој да забележи дека тоа се случило. Стравувањата се дека оваа отровна вода завршила во океанот.

Zum Thema - deutlich erhöhte Strahlenbelastung an Wassertank in Fukushima
Властите тврдат дека работниците биле заштитени од радијацијата со помош на работната облекаФотографија: Reuters/Tokyo Electric Power Co

„Несреќата во Фукушима не може да биде целосно оставена на Токио електроник пауер. Потребно е владата да одигра улога со чувство за итност, што подразбира преземање мерки за справување со отпадната вода“, рече јапонскиот премиер Шинзо Абе на прес-конференција во четвртокот (29.08.2013).

Состојбата околу Фукушима ќе се следи и преку сателит. Пред неколку дена Украина и Јапонија се догoворија да покренат заеднички сателитски проект за следење од вселената на состојбата во околината на хаварисаните нуклеарки во двете држави – Чернобил и Фукушима.

„Се договоривме за соработка во надгледување од вселената на околината на Чернобил и Фукушима“, изјави јапонскиот министер за надворешни работи Фумио Кишида по разговорите со украинскиот колега Леонид Кожар.

Со договорот е предвидено до 2014 година во орбитата да се испратат осум мини сателити за собирање информации за ефектите за радиоактивноста во околината на хаварисаните нуклеарки. Тоа ќе биде заеднички проект на Токискиот универзитет и украинската Државна вселенска агенција. Сателитите ќе бидат изработени во Јапонија, а во орбитата ќе ги пренесеат украински ракети.