1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Опаѓа квалитетот на демократијата во Македонија“

Зоран Јордановски/ НЦЦ/ДП26 март 2012

Избор од весниците на германски јазик: Македонија на „спореден колосек“ во интеграцијата во ЕУ. Да не им се препушти теренот на националистите. Земјите од Балканот назадуваат со демократијата и реформите.

https://p.dw.com/p/14SKX
Фотографија: picture-alliance/dpa

Без напредок во процесот на интеграција во ЕУ е загрозена регионалната стабилност, констатира „Ноје цирхер цајтунг“ во подолгиот текст посветен на евроинтеграцијата на Западен Балкан. Во него за Македонија се вели дека е на спореден колосек поради блокадата од Грција, иако од пред седум години има кандидатски статус. „Колку повеќе Грција тоне во сиромаштија, толку е помала готовноста за компромис. Поради таа политика на опструкција, Македонија мора во меѓународните организации да се нарекува ФИРОМ. Како последица на тоа, владата во Скопје се’ посилно свртува во националистички води. Со форсираното создавање етнички заснован македонски идентитет, чии корења одат до антиката, Скопје ја налути не само Атина, туку и (своето, н.з.) албанско малцинство. Државно пропишаното одредување на идентитетот ја засилува сегрегацијата и ги поткопува напорите за зацврстување на една неетнички дефинирана држава“.

Во текстот понатаму се зборува за ЕУ-интеграцијата како поттик за нужните реформи, па се забележува: „ЕУ токму во тој регион е повеќе отколку само златно магаре, кое го сакаат се’ додека послушно плука златни дукати и не клоца. Проширувањето на ЕУ е и мировен проект, кој донесе стабилност. Демократските и проевропски сили речиси насекаде ги потиснаа националистичките фанатици. Но, тоа би можело да се промени, ако европската перспектива отиде во недостижна далечина и со тоа на ЕУ и’ се одземе од раце најважниот лост за вршење влијание. (...) Навистина, на Балканот идентификацијата со нацијата се’ уште е посилно изразена, отколку со државата. Но, токму надминувањето на размислувањето во етнички и територијални категориии е важен елемент на европската интеграција. (...) Предлозите за решение на косовско-српскиот територијален конфликт со размена на територии го поткопуваат повоениот поредок. Тоа важи и за српскиот сепаратизам во Босна и за воздржаните великоалбански стремежи, кои, пред се’ надвор од Албанија, ќе растат во таа мера, во која ќе се разбиваат надежите за обединување еден ден под покривот на ЕУ. (...) Етничките конфликти на Балканот мораат да бидат решени врз основа на принципите на граѓанска држава и обемни малцински права. Не смее да се случи на крајот сепак да триумфираат оние националисти, кои своите воени злосторства ги оправдуваа со тоа, дека народите на Балканот веќе не можеле да живеат заедно“, заклучува „Ноје цирхер цајтунг“.

Symbolbild deutsche Presseschau Presse
Фотографија: picture-alliance/dpa

„Политичката поларизација и популизмот ја попречуваат трансформацијата“ на земјите од Источна и Југоисточна Европа „кон модерни демократии“, заклучува весникот „Ди пресе“ од Виена. Тој известува за актуелниот „Индекс на трансформација“, во кој фондацијата „Бертелсман“ го оценува демократскиот и пазарностопански развој на 128 земји.

„’Најголемиот дел од државите од Источна, Централна и Југоисточна Европа во последните години доживуваат загуби во квалитетот на нивните демократии, на пазарностопанското уредување и на постигнувањата на политичкиот менаџмент‘, се вели во актуелната студија. Според авторите, за тој развој придонесоа политичката поларизација и стремежот кон моќ на поединечни политичари. ’На многу места популистите го диктираат тонот и целно ги слабеат демократските институции, за да ја поткопаат поделбата на власта и да ја зголемат својата сопствена позиција на моќ“. Во написот се наведува дека во истражувањето вршено од 2009 до 2011 година во 13 од вкупно 17 држави е опаднат квалитетот на демократијата, „при што Полска се издвојува посебно позитивно, а Унгарија особено негативно. (...) Но, Унгарија сепак не е исклучок. Од ’значителна загуба во квалитетот на демократијата‘ се погодени и Словачка, Албанија, Косово, Македонија и Црна Гора. Експертите на ’Бертелсман‘ забележаа напредок во Србија. Таму беше позитивно регистрирано дека српската влада се потруди да ги отстрани корумпираните судии.

Проблематично е дека паралелно со политичките проблеми, најголемиот дел од источно- и југоисточноевропските земји ја забавија и својата стопанска трансформација“. Во написот како примери за назадување се наведени Летонија, Романија и Словачка, а како позитивни примери за напредок во реформите кон пазарно стопанство се споменати Полска и Србија, „при што Србија и покрај тоа е категоризирана како ’Пазарно стопанство со функционални дефицити‘. Таков дефицит фондацијата ’Бертелсман‘ освен тоа лоцира и во Босна и Косово. Извештајот им дава лошо свидетелство и на Романија, Бугарија и на кандидатите за членство од Западен Балкан. ’Иако ЕУ од земјите што сакаат да и пристапат очекува и подржува изградба на стабилни демократии и функционирачки, конкурентни пазарни стопанства, земјите-кандидати постигнаа само минимален прогрес‘. Според експертите, назадувањето има помалку врска со тешкото економско опкружување, а повеќе е резултат на политичкиот менаџмент“, извлекува „Ди пресе“ заклучок од студијата на „Бертелсман“.