1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опаѓа темпото на стопанскиот пораст во Германија и Европа

16 август 2011

Почетниот елан од првиот квартал попушти - стопанството во Германија и Европа расте со значително пониска стапка.Најновите статистики се вклопуваат во општиот штимунг за навестување на нова можна глобална криза.

https://p.dw.com/p/12HA6
Фотографија: picture alliance/dpa

Германските и европските статистичари денеска (вторник, 16.08.2011) ги објавија податоците за вториот квартал од годинава. Според нив во вторите три месеци од 2011 година германското стопанство забележа пораст од само 0,1 насто, значително помалку од очекувањата на експертите, кои одеа до 0,5 проценти. Порастот за целото прво полугодие изнесува 1,3 проценти. Причини за ваквиот развој се должничката криза во Европа и слабата конјунктура во САД. Позитивни импулси, пак, дојдоа од извозот и од инвестициите. Но, увозот растел побрзо од извозот, па тоа негативно влијае врз надворешно-трговскиот биланс.

За Германија сепак нема непосредна опасност

На опаѓањето на темпото на стопанскиот пораст влијаеле и намалената приватна потрошувачка како забавената дејност во градежништвото.

11.08.2011 DW-TV JOURNAL WIRTSCHAFT Export
Фотографија: DW-TV

Но, во споредба со првото полугодие лани, порастот годинава изнесува 2,8 процента. Во првиот квартал порастот беше дури 4,7 проценти. Благодарение на тоа, севкупните стопански постигнувања веќе го надминаа нивото од 2008 година, од пред почетокот на кризата. За целата 2010 година благо нагоре е коригирана стапката на пораст на 3,6 проценти.

Економистите очекуваат и во наредните месеци робустен тренд на пораст на германското стопанство, иако конјунктурата е оптоварена од дополнителните мерки за штедење во Франција и Италија.

Зелик: Светската економија во нова „зона на опасност“

Опаднатото темпо на германското стопанство влијае и врз порастот во зоната на еврото. Во 17 земји во кои еврото е заедничко платежно средство во вториот квартал стопанството растело со стапка од 0,2 насто, наспроти 0,8 во првото тримесечје. Во споредба со вториот квартал лани, годинава порастот изнесува 1,7 проценти. Најслаби резултати постигнаа економиите на Франција и на Португалија, како и на Унгарија, а најдобри Естонија (1,8 проценти), Финска (1,2) и Австрија (1,0).

Претседателот на Светската банка Роберт Зелик смета дека светската економија се наоѓа во „нова зона на опасност“. На прес-конференција во Канбера, главен град на Австралија, Зелик рече дека европските влади мораат да ги преструктуираат своите стопанства, за повторно да ја воспостават довербата на пазарите.

Автор:ЗЈ/СН/дпа/дапд

Редактор:Симе Недевски