1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Опозицииче“- слабее силата на опозицијата во Бундестагот

Волфганг Дик/ Симе Недевски23 октомври 2013

Сѐ поизвесно е дека Германија ќе добие т.н голема владина коалиција која ќе биде составена од демохристијаните и социјалдемократите. Во тој случај во парламентот многу тешко ќе се слуша гласот на опозицијата.

https://p.dw.com/p/1A4HV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Слон наспроти глувче. Тоа е односот на силите меѓу владата и опозицијата која се надзира во германскиот парламент, кој вчера 22.10. ја одржа својата конститутивна седница. Во новиот 18. состав на Бундестагот, кој има 631 пратеничко место, дури 504 пратеници се од партиите кои веројатно ќе влезат во „големата коалиција“. Така пратениците на Зелените и партијата на Левицата вкупно би ги имале останатите 127 места. Пред последните избори опозицијата имаше двојно повеќе мандати.
Влезот на социјалдемократите во владата би означил длабоко намалување на можноста опозицијата критички да ја анализира работата на владата и да биде некој вид нејзина контрола. Опозицијата во германскиот парламент има одредени инструменти за тоа. Таа може да поставува прашања на кои владата мора да одговори. Таа може да свика посебни парламентарни комисии, чија задача е да побараат проверка на работата во одделни министерства. Опозицијата може да побара да се утврди и уставноста на предлозите на одделни закони.

Сепак ограничени можности?

Сега, меѓутоа, на опозицијата ќе и биде многу потешко да дојде до збор. Опозициските пратеници ќе имаат значително помалку време да зборуваат во парламентот, бидејќи должината на излагањето зависи од големината на пратеничката група. Така на секој час парламентарна расправа пратениците од опозицијата ќе имаат на располагање само 12 минути.
Штефан Брехлер, политиколог од Универзитетот во Гисен, предупредува. „Зелените и Левицата веќе нема да можат да побараат формирање на парламентарна истражна комисија или на дневен ред во парламентот да постават прашање за доверба на владата.“ Германскиот Устав и Правилникот за работа на Бундестагот тоа го овозможуваат само ако барањето за формирање комисија го поддржат најмалку 25 проценти од пратениците. Опозицијата во случај на формирање на голема коалиција би имала само 20 проценти од пратеничките места. „Ако така и остане, тоа би ѝ нанело голема штета на демократијата“, смета Брехлер.
За Јан ван Акен од партијата на Левицата, опозицијата сѐ уште располага со силно оружје- поставување на пратенички прашања. Иако се министрите многу вешти во избегнување на одговори и во нив често се обидуваат да ги прикријат критичните точки, опозицијата често со тактичко поставување на прашањата и поаѓа од рака во јавноста да се дознае за „несаканите“ факти. Ван Акен потсетува дека тоа беше инструмент кој го овозможи откривањето на фактот за германските испораки на оружје на другите влади.

Опозицијата ја користи „задната врата“

Ханс Јозеф Фел од 1989. ги застапува Зелените во Бундестагот. Вели дека постои можност за лично влијание врз пратениците на владејачката колалиција. „Ние разговараме меѓусебно во текот на работата во разни комисии“, вели тој. Она што јавноста не го гледа е тоа дека тие разговори и соработка во комисиите се конкретни и речиси пријателски.
„Со добри аргументи тука и се постигнуваат многу работи“, вели Фел и додава дека ретко се случува во тие разговори да се наиде на ѕид. Многу опозиционери се задоволни дури и кога ќе им појде од рака некои теми да ги воведат во дебата во парламентот или во јавноста, така што политичарите и владата мораат да се позанимаваат со тоа.
Опозицијата често добива поддршка и надвор од парламентот, преку синдикатите, граѓанските иницијативи, движењата или медиумите.

Bundestag konstituierende Sitzung Plenarsaal 22.10.2013
Фотографија: Reuters
Bundestag konstituierende Sitzung Plenarsaal 22.10.2013
Фотографија: Reuters

Може ли да дојде до промена на Уставот?

Дури и во Христијанско-демократската унија (ЦДУ), партијата на германската канцеларка Ангела Меркел, согледуваат дека не е добро тоа што слабее улогата на опозицијата. Потпретседателот на партијата ЦДУ Томас Штробл во едно интервју и самиот призна дека „не се чувствува баш најдобро“ кога ќе помисли на тоа.
Политикологот Штефан Брехлер смета дека е неизбежна промена на Уставот, или барем Правилникот за работа на парламентот. Јан ван Акен најавува дека со останатите опозиционери ќе се залага за правата на помалите пратенчки групи во парламентот: „Ако владејачката коалиција не ни ги признае 'малцинските права', тогаш ни останува само да се жалиме до Уставниот суд.“