1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозиционерите ги оставаат суетите зад себе и се обединуваат

1 февруари 2010

Дванаесет опозициони партии, предводени од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, денеска (01.02.2010) ја промовираа Платформата за нивно политичко дејствување во насока на промена на власта во земјата.

https://p.dw.com/p/LohW
Фотографија: Petr Stojanovski

Според претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски, промовирањето на опозициониот блок се случува во клучен момент за Македонија.

„Наша цел е да ја поразиме оваа коалиција на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Црвенковски. Тој додаде дека премиерот Никола Груевски со лошото работење успеал да ги обедини партиите во опозициониот блок, иако во минатото дел од нив биле противници.

„Ова е период кога ги оставивме сите суетите зад себе и се обединуваме заради интересот на државата“, нагласи Црвенковски.

Според лидерот на Нова алтернатива Ѓорѓи Оровчанец: „Овој политички фронт не може да се помири со сеопштото уназадување на државата...Најавуваме борба за враќање на демократијата и достоинството на човекот“.

Според него, фронтот е и против партизацијата на општеството, на администрацијата и судството, но и против „погубниот популизам на власта“. Оровчанец рече дека фронтот е насочен и против идеологијата што сака да го проблематизира идентитетот на Македонецот. „Ние знaеме кои сме биле и многу добро знаеме кои сме денес“, рече Оровчанец.

Тој додаде дека со Платформата се предвидува работење на подобрување на меѓуетничките односи, но и на враќање на угледот на државата во меѓународни рамки. Оровчанец ја обвини власта за тешката економска ситуација во земјата, за неисполнувањето на програмата и за популистичките мерки што се преземаат.

Лидерот на Нова демократија упати повик до сите партии, организации и поединци кои ја прифаќаат Платформата, да им се придружат.

Тито Петковски од Нова социјалдемократска партија (НСДП) рече дека причина за нивниот влез во оваа коалиција е можноста опозицијата да почне организирано да дејствува.

Тој додаде дека дури и да не успеат да ја соборат власта, сепак со притисокот на опозицијата ќе ја натераат да работи подомаќински.

Со Платформата на опозицијата се предвидува поединечно и заедничко делување при промоција на стратешките интереси на државата, да подготвуваат предлози и политики, меѓусебна размена на идеи, да контактираат со граѓаните, но и остро да ги критикуваат лошите владини политики.

Платформата ја прифатија СДСМ, НСДП, Либерална партија, Партија на слободни демократи, Нова алтернатива, Движење за национално единство на Турците, Демократски сојуз на Власите, Сојуз на Титови леви сили, Граѓанско-либерална партија,Партија на пензионерите, прогресивна партија и Зелена партија на Македонија.

Автор: ЕМФ/АТ/макфакс