1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата во поход со оружјето на власта

Костадин Делимитов28 ноември 2013

Опозицијата во Македонија е во засилена кампања на промоција на серија економски мерки. Економистите и стопанствениците очекуваат конкретна програма за да дадат оценки.

https://p.dw.com/p/1APnc
Фотографија: Petr Stojanovski

Тоа што до „вчера“ беше карактеристика само на владејачката партија - јавно да се излегува со проекти и ветување за нивна реализација, на терен сега го пресликува и СДСМ и тоа со интензивна кампања. Се ветува враќање на ДДВ, повисоки и навремени субвенции, гасификација, автопати, бизнис инкубатори. Дел од програмата во најава, како што велат оттаму, е со цел за враќање на средната класа. Ваквиот настап на опозицијата, според власта, е манипулација, употреба на нереални мерки и ветувања, без конкретно да се објасни како тоа би се направило, обид за потценување на граѓаните. Но дали е тоа така? Дали само власта ја има привилегијата многу да ветува, а понекогаш и помалку да остварува само заради тоа што е на власт, или сепак и опозицијата конечно се „освести“ и консолидира околу вистински и реален економски курс што може да им донесе подобар живот на граѓаните? Политичките аналитичари се поделени околу ова прашање. Дел од нив сепак сметаат дека е добро што на политичката сцена има борба на понуди:

Mazedonien Zoran Zaev Präsident der oppositionellen Partei SDSM
Зоран Заев, лидер на СДСМФотографија: MIA

„Факт е дека најголемата опозициска партија во последниот период е во некаква поинтензивна кампања, пред се‘ насочена кон промоција на сопствената понуда. Ваквата кампања по својата природа мора да биде насочена кон ветувања и по правило е предмет на напад на политичкиот противник, бидејќи секое ветување во основа зависи од кредибилитетот на оној кој го пласира ветувањето. Јас сепак мислам дека за политичкиот дискурс во Македонија борбата на понуди помеѓу власта и опозицијата ќе биде добредојдено освежување, бидејќи ќе им овозможи на гласачите поблиску да се запознаат и да ги проценат решенијата во двете спротивставени програми. И самиот агресивен одговор на власта е одговор на прашањето дали опозицијата има полза од ваквата кампања. На крајот, добро е што двете партии разговараат за понуда, но јас би бил посреќен кога во понудата на двете партии би ги имало и непопуларните проекти, наместо само популистички потези. На пример, мислам дека би било полезно да се отвори дебата за нужните реформи во јавната администрација, за реформи во судството и слично, а не политичката дебата да се сведе на популистичка лицитација“, коментира за Дојче веле политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

„Во Македонија имаше многу ветувања кои не се остварија“

Дел од аналитичарите сметаат дека настапот на опозицијата е несериозен. Аналитичарот Владимир Божиновски за ДВ оценува:

„Само насумично ветување на некои грандиозни мерки, тоа е веќе оној популизам во негативна смисла и тоа е друг збор за измама. Но ако некој излезе, без разлика кој и објасни детално како планира да ја реализира некоја мерка, тогаш веќе можеме да зборуваме за некаков популизам, за додворување кон граѓаните што веќе ќе може да се толкува и во некој позитивен контекст. Ако има некој добар план како нешто да е направи тогаш е во ред, ама само да се ветува без одговор како тогаш тоа не е добро. Затоа треба да се внимава, бидејќи довербата не се стекнува лесно, а уште полесно се губи. Воопшто не гледам негативно ако некој вети дека ќе направи пат и да објасни од каде ќе ги најде средствата за тоа и како ќе се реализира. Тоа го гледам како една позитивна заложба на политичка партија, но некој да ти каже без да ти објасни како и од каде, тоа е нешто што кај нас се користи како еден негативен популизам, ветување без реална основа, неиздржани популистички ветувања или неиздржана платформа. За да излеат со сериозна мерка мора да имаш и сериозна аргументација. Има тука и убави мерки, но мора тие мерки да бидат аргументирани и одбранети. Да се види нивната остварливост и граѓаните да видат дека тоа е остварливо зашто во минатото во Македонија имаше многу ветувања кои не се остварија“, коментира Божиновски.

Mazedonien Denkmal Alexander der Große in Skopje
Добро е што има борба на понуди, но неопходни се конкретни програмиФотографија: picture-alliance/dpa

Прво програма, па оценки

Економистите што ги консултираше Дојче веле засега се воздржуваат од коментари околу предложените мерки на СДСМ. „Што да коментирам додека не видиме црно на бело за што точно станува збор. Вака само би влегол во дневно политичкото препукување помеѓу власта и опозицијата околу некои мерки“, реагира истакнат економски аналитичар. Резервирани во оценките се и стопанствениците. „Очекуваме да ја видиме програмата на опозицијата, па потоа ќе го дадеме нашиот став. Сепак е добро што и опоизицијата ќе излезе со обемна економска програма“, коментираат за Дојче веле од стопанските комори во Македонија.