1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Опозицијата не се враќа во парламентот

Б. Георгиевски/макфакс15 јануари 2013

Претставникот на Европската комисија, Санино денеска во Скопје разговараше со лидерот на опозициската СДСМ, Црвенковски и со претставници на ЗНМ околу инцидентите во Собранието.

https://p.dw.com/p/17KMl
Фотографија: DW/Samir Huseinović

Опозицијата предводена од СДСМ нема намера да се враќа во Парламентот сe‘ додека не биде постигнат политички договор. Ова денеска лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски лично му го соопштил на генералниот директор за проширување Стефано Санино од Европската комисија, кој престојува во Скопје, при тоа образложувајќи му го партискиот план за излез од кризата.

„Со високата делегација на Европската Комисија беше разговарано за насилното исфрлување на новинарите и опозициските пратеници од законодавниот дом, што како брутален чин неповратно и‘ го одзема легитимитетот на власта и на институциите кои притоа беа злоупотребени. Санино беше запознаен дека е нереално да се очекува во ваква ситуација, опозицијата, која беше брутално исфрлена да се врати во Собранието, кое во овој состав нема никаков легитимитет“, информираат од СДСМ.

Како што соопштуваат од опозициската партија, на средбата бил потенциран ставот на Сојузот за иднината дека би било крајно штетно за државата да се занемарува постоењето на оваа политичка криза.

Санино во Скопје се сретна и со претставници на Здружението на новинарите на Македонија кои побараа конкретни резултати во утврдување на одговорност за отстранувањето на новинарите од Собранието.

Nikola Poposki, Stefano Sannino, Mazedonien
Никола Попоски и Стефано СаниноФотографија: MIA

„Разочарувачки ќе биде ако нема политичка волја да се расветли инцидентот и со тоа ќе се компромитира една иницијатива која имаше за цел на европски начин, низ дијалог да се решаваат прашањата во медиумите“, рекол претседателот на ЗНМ, Насер Селмани.

Генералниот директор за проширување на Европската Комисија Санино, изрази надеж дека ситуацијата ќе се надмине брзо и ЗНМ, како важен чинител во овој процес, ќе се врати на разговорите со Владата и ќе учествува во решавање на идните предизвици во медиумскиот простор. Санино верува дека за надминување на сегашната ситуација потребна ќе биде политичка волја од надлежните институции кои ќе најдат начин да го расветлат инцидентот и да утврдат одговорност.